И асимптоматските пациенти може да имаат постковид синдром

Голема студија на Медицинскиот центар на Универзитетот во Мајнц покажува: дури и луѓето кои не знаеле дека се заразени со корона може да страдаат од постковид синдром, а жените се почесто погодени.

Постковидниот синдром, кој во светот често се нарекува Долг КОВИД-19, е болест која е тешко да се разбере.

„Оваа вирусна болест е камелеон. Може да развие многу сосема различни форми. Речиси е невозможно за општите лекари јасно да утврдат дали симптомите се поврзани со претходна болест или не“, рече Улрих Ферстерман на прес-конференција на 20 декември за универзитетска медицина на Универзитетот Јоханес Гутенберг во Мајнц.

Норберт Фајфер, медицински директор на Универзитетската клиника во Мајнц, нагласува дека, со оглед на долгата листа на повеќе од 60 различни симптоми поврзани со постковидниот синдром, многу е тешко да се постави јасна дијагноза. Пациентите најчесто се жалат на исцрпеност, замор, но и несоница, главоболка и вртоглавица. Долгорочните ефекти на инфекцијата може да доведат до повеќе органски заболувања, кардиоваскуларни заболувања, згрутчување на крвта, па дури и срцеви и мозочни удари, како и разни нервни заболувања.

Бидејќи симптомите обично се многу неспецифични, на многу здравствени работници не им паѓа на памет дека симптомите може да имаат некаква врска со коронавирусот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e