Жена од Шкотска потрошила дури 27.000 евра за лечење на астмата на својот мачор

Сопственичката на мачорот Раскал од Шкотска била шокирана кога на нејзиното милениче му била дијагностицирана астма. Иако спасувањето на неговиот живот ја чинело мало богатство, Кели Бојл вели дека не се кае воопшто. „Бев навистина исплашена и се прашував што ќе правам, како ќе се снајдам и што е најважно, размислував за неговиот живот.

Не можев да престанам да паничам и имав многу непроспиени ноќи минувајќи ги во грижа за моето „мало момче“ – изјавила Бојл. Загрижената Кели веднаш се обидела да ја лекува кашлицата на Раскал. Ветеринарот направил рендгенски снимки и тестови на крвта, кои ја потврдиле неговата дијагноза – астма, исцрпувачка состојба која погодувала само 5% од мачките ширум светот, според истражувањата на „Универзитетот Корнел“.

Астмата кај мачките се лекува со инхалатори, исто како и кај луѓето. За жал, болеста на сега 9-годишниот мачор не била евтина за третирање, тоа ја чинело неверојатни 30.000 долари (27.716 евра). „Никогаш порано не сум слушнала за астма кај мачки и ветеринарот ми кажа дека Раскал има проблеми со дишењето поради воспаление на белите дробови“, објаснила Бојл. Единствената опција за лекување бил инхалаторот, што не можела да замисли како ќе го користи кај него. За среќа, мачорот го прифатил третманот, иако неговото давање барало строг распоред и прецизно планирање. Бојл инсталирала камера за мачки во секоја соба, за да може да го следи неговото дишење.

„Најмногу се мачи во текот на пролетта и летото, кога му треба поголема помош од ветеринарот, но инхалаторите му овозможија да води многу активен и среќен живот“, кажала Бојл. Третманот на Раскал вклучувал земање три инхалатори дневно – портокалов наутро, виолетов навечер, плус син кој се користел за ненадејни напади, кој ќе му е потребен до крајот на животот. Сепак, за жал, ова не било крајот на здравствените проблеми на овој кревок мачор.

„После астмата, му беше дијагностицирана болест на интервертебралните дискови. За среќа, на секои 6 недели добива антиинфламаторна инјекција, која „прави чуда“. Сега може да скока, да трча и постојано е во движење без да остане без здив“, изјавила посветената сопственичка.

Бојл се надевала дека со споделување на приказната за Раскал на социјалните мрежи, тоа ќе им биде од помош на другите сопственици на мачки да препознаат кога нивното милениче боледува од астма, пренеле „NYP“.

„За тоа не се зборува многу и луѓето секогаш мислат дека е „топче со влакна“, за потоа да откријат дека всушност е астма“, нагласила таа. Бојл добила пораки од многу сопственици на мачки во кои ѝ се заблагодарувале за ширењето на веста, бидејќи без ова нивните мачки немало да бидат повеќе со нив доколку не ја добиеле соодветната дијагноза и третман. „На сите им кажувам, ако се сомневате, проверете“, продолжила таа. Иако спасувањето на животот на нејзиниот мачор имало цена, Бојл вели дека не се каела воопшто. „Тој е мојата карпа, мојата сродна душа и ние сме неразделни“, завршила таа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e