Уметница ги наслика Вучиќ и Курти како се бакнуваат во уста

Косовската уметница Ермира Мурати ги наслика косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ како се бакнуваат во уста, а нејзината слика која предизвика бројни реакции, па и закани во Приштина е изложена во галеријата во овој град.

Сликата на Мурати е висока 3 метри и ги прикажува косовскиот Курти и Вучиќ во прегратка, како се бакнуваат во усните со затворени очи.

„Ја гледам нивната врска како актерска изведба… Ние во Косово и народот во Србија го гледаме истото шоу“, изјави Мурати за „Ројтерс“, претставувајќи ја нејзината слика, на која се прикажани двајцата мажи во црни костуми на светло портокалова позадина.

„И покрај тоа што хаотичните односи меѓу Косово и Србија се многу продлабочени, мислам дека нашата младина го сака мирот повеќе од било што друго“, рече таа.

Илјадници на социјалните мрежи објавија коментари за сликата на Мурати, при што мнозинството користат говор на омраза, а некои дури упатуваат и смртни закани.

„Заслужуваш куршум“, се вели во еден од коментарите.

Мурати, родена една година по завршувањето на војната во 1999 година, е позната по кршењето на табуата со нејзините уметнички дела.

Таа доби закани минатата година кога направи слична слика на која се прикажани двајца мажи облечени во албански традиционални народни носии како се бакнуваат во усните како гест на поддршка за геј заедницата во Косово, каде што силното конзервативно општество сè уште со тешкотија ги прифаќа хомосексуалците, пишува „Ројтерс“.

Мурати рече дека новата слика има чисто политичка порака и дека е навикната да добива закани. Дури и негативните реакции, вели таа, се позитивни бидејќи предизвикуваат дискусија на темата.

„Тоа не ме спречува. Во моментот кога тие реагираат како што прават, тогаш разбирам дека пораката е испратена на вистинското место. За сликата се дебатира“.

„Ројтерс“ потсетува дека Косово прогласи независност од Србија во 2008 година, но Белград никогаш не ја призна државноста на својата поранешна отцепена покраина и сè уште ја смета за дел од својата територија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e