Најголемата заблуда е дека седата коса е резултат на стрес: Oва се двете главни причини

Дерматолозите тврдат дека не постои научен доказ кој покажува дека стресот влијае на прераната појава на седа коса и дека оваа појава пред сè ѝ се припишува на генетиката и стареењето, пренесува “Reuters”.

Ако сметате дека за наглата појава на бели влакна на вашата глава е виновна ужасно стресната недела, месецот или годината зад вас, па можеби дури и една одредена личност, изгледа дека сте биле во заблуда.

Косата инаку ја добива бојата со помош на меланин, истиот пигмент кој ја одредува бојата на кожата и очите. Меланинот полека се губи со годините, поради што косата со текот на времето станува седа за подоцна и целосно да обели, тврдат експертите од Американската академија за дерматологија.
Косата опаѓа и расте нова, а клетките кои произведуваат пигмент во влакната одново и одново се активираат, меѓутоа како што старееме, тие на некој начин слабеат и оваа функција ја вршат значително побавно.

Стресот е познат и докажан причинител за зголемено и нагло опаѓање на косата, но ниту едно истражување не докажало дека тој е виновен и за наглото обелување на косата.

Исто така, научниците тврдат дека е невозможно косата да обели “преку ноќ”. Исчезнувањето на меланинот од влакната подразбира одреден временски процес кој трае, а видливиот резултат доаѓа на самиот крај: влакната стануваат седи, губејќи го пигментот.

Во поголемиот дел случаи, за седата коса е виновна генетиката која игра најголема улога овде. Всушност, научниците откриле и кој ген е заслужен за појавата на седите влакна, а тоа е генот наречен ИРФ4.
Сепак, постои нешто што може да ја забрза појавата на седа коса, а тоа е пушењето цигари. Една студија од пред 7 години пронашла значајна врска помеѓу пушењето цигари и појавата на седи влакна пред 30-тите години од животот.

Пушењето цигари и стресот секако можат да влијаат на предвремена појава на седа коса, но тие не ја предизвикуваат истата, тврдат научниците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ