Баба положила возачки испит после 960 обиди

За да добие дозвола ѝ биле потребни 18 години, а за тоа потрошила 12.500 евра.

Ќаи Са Сун (69) конечно по 18 години и 960 обиди успеала да положи возачки испит и да добие дозвола. Оваа Јужнокорејка, која живее недалеку од Сеул, почнала да полага возачки испит во април 2005 година, и тогаш првпат паднала на писмениот дел.

Но, таа не се откажала и продолжила да се пријавува и да го полага писмениот дел уште 780 пати додека не положила. Не ѝ било полесно ниту при полагањето на практичниот дел, па возачки испит полагала точно 180 пати додека конечно не ја добила дозволата, пишува британски Дејли стар.

Г-ѓа Сун не сакала да се откаже од возењето бидејќи, како што објаснила, возачката дозвола ѝ била неопходна за работа. Таа работи како продавач на зеленчук во маркет и за 18 години потрошила 12.500 евра за да го положи возачкиот испит.


Еве што изјавил нејзиниот инструктор за возење откако таа конечно ја добила дозволата:

-Кога ја доби дозволата, сите од автошколата излеговме да ѝ честитаме. И подаривме букет цвеќе. Чувствував како од рамениците да ми падна огромен товар. Немав срце да ѝ кажам да се откаже бидејќи постојано доаѓаше да полага – изјавил нејзиниот инструктор за возење.

Откако се расчуло дека Ќаи Са Сун со години не се откажува од полагањето возачки испит, за неа се заинтересирала и една јужнокорејска телевизија и таа набргу станала национална ѕвезда. Дури снимиле и реклама за позната марка автомобили, која по добивањето на дозволата на Ќаи ѝ врачила клучеви од сосема нов автомобил вреден 13.000 евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e