Во Хрватска ништо ново. И претседателката ги кршеше законите

ХДЗ прогласи неофицијална победа на изборите, но ситуацијата е слична како онаа пред 10 месеци, па граѓаните стравуваат од нова нефункционална влада, иако всушност тоа и го очекуваа.

Додека Хрватската демократска заедница, ХДЗ слави, на социјалните мрежи левоориентираните бирачи порачуваат дека е време за напуштање на земјата. Уште од објавувањето на првичните анкети стана јасно дека во Хрватска ќе следува уште едно макотрпно составување влада.

Неофицијалните резултати покажуваат дека ХДЗ, овојпат самостојно, е релативен победник со 61 мандат, следи Народната коалиција која ја предводи Социјалдемократската партија СДП со 54 мандати, Мост има 13, додека изненадување на изборите е Жив ѕид со дури 8 пратенички места.

Раководството на ХДЗ непроменето, гласачите исти

Во својот победнички, но воздржан говор, новиот претседател на ХДЗ Андреј Пленковиќ најави нов правец во политиката, повикувајќи се на препораките од Жозеп Дол, Дорис Пак, Манфред Вебер и Елмар Брок. Политиката на новата влада, како што рече, овојпат стабилна, ќе биде проевропска. „Утре (12 јуни) ќе одржиме Национален совет, ќе разговараме со партнерите и ќе создадеме платформа за постизборни разговори“, вака Пленковиќ го најави почетокот на отворањето на политичкиот пазар на кој, според досега виденото, не треба да се очекува премногу принципиелност.

Оние кои веруваат дека проевропскиот Пленковиќ успеа за два месеца да ја подигне партијата која Томислав Карамарко ја остави зад себе во урнатини, а гласачите ги сврте кон теми за иднината, треба да се замислат над податоците за преференцијалното гласање. Така, директно од бирачката база великодушно се наградени политичари кои кренаа многу прашина, на пример Златко Хасанбеговиќ, министер за култура против кого се бунтуваше голем дел од културната сцена, а е обвинуван за антифашизам; Стево Чулеј кој претставникот на ромската заедница го нарече „српски Циган и бивш офицер на ЈНА“, како и Миро Ковач, шеф на дипломатијата кој голем дел од својата популарност и‘ должи на размената на вербален оган со владејачките српски политичари.

И претседателката ги кршеше законите

Овие избори беа во знакот на апатија и мала излезност на бирачите од само 52 проценти. Тие ќе се паметат и по претседателката Колинда Грабар Китаровиќ, која на гласачко место го фотографирала со мобилен телефон своето гласачко ливче, иако Државната изборна комисија претходно предупреди дека е тоа спротивно на правилата.

Во овие моменти почнува и официјално ловот за обезбедување мнозинство, 76 пратенички места кои веројатно ќе му обезбедат премиерска функција на Андреј Пленковиќ. Но, со оглед на досега видената превртливост на Мост и политичката посебност на Жив ѕид, и натаму се можни изненадувања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e