Турција присилно праќа сириски бегалци во подрачјето на Сирија во близина на границата

Турција присилно праќа сириски бегалци во подрачјето на Сирија во близина на границата, каде има за цел да воспостави „безбедносна зона“ и покрај тоа што конфликтот не е завршен, се вели во извештај на Амнести Интернешнл објавен денеска.

Хјуман рајтс воч исто така објави извештај во кој се тврди дека турските власти произволно притвориле и депортирале десетици Сиријци во северна Сирија во периодот од јануари до септември.

Во моментов во Турција има околу 3,6 милиони бегалци кои избегале од сириската граѓанска војна.

Анкара се надева дека ќе пресели два милиони бегалци во „безбедносна зона“ во североисточна Сирија. Турција наведе дека повеќе од 350.000 сириски бегалци веќе доброволно се вратиле во својата земја.

Амнести Интернешнл во својот извештај тврди дека бегалците со кои разговарале се пожалиле дека им се заканувале или дека турската полиција физички ги натерала да потпишат документи во кои изјавуваат дека доброволно се враќаат во Сирија.

Организацијата за заштита на човекови права со седиште во Лондон соопшти дека во реалност, Турција ги ставила во опасност животите на сириските бегалци принудувајќи ги да се вратат во воената зона.

Засега нема реакција од Анкара на извештајот на Амнести Интернешнл, но Анкара претходно негираше дека праќала Сиријци назад во земјата против нивна волја.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e