Трамп се извини за новиот сексистички скандал, па повторно прејде во напад

Трамп се извини за коментарите во протеченото видео од пред 11 години, во кое тој со разни вулгарности зборува за жените. „Кога си славен, те оставаат да им правиш сè“, се слуша, помеѓу повеќе вулгарности, во дел од видеото кое го објави Вашингтон Пост, а пренесе Радио МОФ.

„Никогаш не реков дека сум совршена личност, ниту глумев дека сум поинаков од она што сум. Сум кажал работи за кои жалам што сум ги кажал. А зборовите во ова видео, од пред повеќе од една деценија објавено денеска, се едни од нив. Веќе реков, погрешив и се извинувам“, објави во видео порака, доцна синоќа по американско време, републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп.

Во продолжение од видеото, тој додава дека оваа тема го одвлекува вниманието на јавноста од суштинските проблеми на земјата,  па испрати жестоки напади кон кампањата противникот напаѓајќи ја лично Хилари Клинтон и нејзиниот сопруг Бил. „Помеѓу зборовите и делата има голема разлика, Бил Клинтон злоупотребувал жени, а Хилари ги нападнала, засрамила и заплашила нејзините жртви“, додава Трамп.

Веднаш по објавата на видеото, челниците на Републиканската партија се оградија од коментарите на Трамп и побараа и тој да го стори истото. Спикерот на Претставничкиот дом, Пол Рајан, изјави дека е „згрозен“ од зборовите на републиканскиот кандидат и најави дека е откажан најавениот заедничкиот настап на кампањата со Трамп.

Хилари Клинтон, кандидатот на Демократската партија, на Твитер коментарите на Трамп од видеото ги коментираше како застрашувачки. „Не смееме да му дозволиме на овој човек да стане претседател“, пишува во продолжение на твитот.

За поврзани вести продолжете надолу

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e