Токио воведува четиридневна работна недела

Јапонската метропола Токио презема смели чекори за да се справи со екстремно нискиот наталитет. Од март следната година, сите вработени ќе работат четири дена неделно, со цел да им овозможат на родителите повеќе време за своите семејства. Оваа мерка е дел од пошироките напори на владата да ја охрабри репродукцијата и да го олесни балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот.

Покрај скратeното работно време, Токио ќе им овозможи на родителите на децата од основно училиште да завршуваат порано со работа, со одредена надокнада. Овие мерки се дел од амбициозниот план на гувернерката Јурико Коике да направи Токио попривлечно место за живеење и работа.

„Сега е време Токио да преземе иницијатива за заштита и унапредување на животите, опстанокот и економијата на нашиот народ во овие тешки времиња за земјата“, изјави Коике.

Јапонија се соочува со сериозна демографска криза, со рекордно ниска стапка на наталитет и стареечко население. Властите веќе долго време се обидуваат да го подобрат овој тренд, но досегашните напори не дадоа значителни резултати.

Многу експерти сметаат дека јапонската култура на прекувремена работа и строгиот социјален притисок врз жените да изберат помеѓу кариера и семејство се клучни фактори за нискиот наталитет. Новата политика на Токио претставува обид да се промени оваа култура и да се создаде попријатна средина за родителите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e