Тачи со честитка до новото косовско Собрание, бара што поскоро формирање на институциите

Претседателот на Косово Хашим Тачи им го честита на новоизбраните пратеници конституирањето на новото Собрание и им посака успешна работа на нивната нова задача, јави дописникот на МИА од Приштина.

Преку објава на својата страница на Фејсбук Тачи побара што поскоро да се формираат институциите и притоа да се остават настрана тесните политички интереси.

– Република Косово има пред себе многу предизвици, кои бараат високо ниво на одговорност за да се надминат, затоа сите народни избраници треба да ги остават настрана политичките интереси и да работат за што поскорешно формирање на институциите на Република Косово, напиша Тачи.

Тој не кажа кога ќе ги започне разговорите со партијата која победи на изборите одржани на 6 октомври, Движењето Самоопределување, за доделување на мандатот за формирање на новата влада на нејзиниот лидер Албин Курти.

Откако ќе го добие мандатот, мандатарот има рок од 15 дена да му го предложи на Собранието составот на владиниот кабинет. Доколку тој не успее да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство, претседателот, согласно Уставот, треба да го понуди мандатот на лидерот на второрангираната партија на изборите, а доколку и тој не успее да формира влада земјата оди на предвремени избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e