Српските таблоиди и денеска со напад кон новинарот на Н1 што го прашувал Вучиќ за трговија со оружје

„Ајде да не се занесуваме“ – реченицата која му ја постави новинарот на српската Н1 телевизија на претседателот Александар Вучиќ и која два дена српските провладини медиуми ја пласираат како клучна за неговата здравствена состојба и денеска ги полни порталите, но и веб сајтовите на српските таблоиди и телевизии блиски до владејачката партија.

„Се понесоа како да се во џунгла. Во заедница на мајмуни, а не во друштво на луѓе. И тука е гревот голем и на телевизија Н1 и на нејзиниот репортер, оној кој на претседателот на сопствената држава му го изговори тоа“, пишува во колумната на провладиниот новинар Иван Радовановиќ.

„Она што го гледавме на Пинк и гостувањата на разни прорежимски новинари е вид на пропаганда и како таков е недозволив. Да обвините некој новинар зошто претседателот завршил во болница е многу опасно за атмосферата која веќе некое време се креира во Србија. Н1 е мета на разни луѓе, уредникот Југослав Ќошиќ е на насловни страни на таблоидите и повторно, тоа може да биде многу опасно бидејќи се креира атмосфера на непосредно застрашување на новинарите. Така се порачува дека ако повторно го прашате претседателот или некој друг функционер, тој може да заврши во болница и вие може да бидете виновни за тоа“, вели политикологот Вук Велебит, кој додава дека ако се случи напад врз новинари на Н1, тоа ќе биде благодарение на пропагандата која ја има на прорежмските телевизии.

Новинарот на Н1 кој од провладините медиуми е обвинет дека го растревожил Вучиќ, всушност го прашуваше за аферата за трговија со оружје во која како што објави БИРН, таткото на министерот за внатрешни работи, Бранко Стефановиќ, бил дел од делегацијата на фирмата која ја посетила фабриката Крушик.

Провладините медиуми го обвинија новинарот дека со неговото прашање дали има судир на интереси го изнервирал Вучиќ толку многу, што тој бил доведен до прединфарктна состојба.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e