Соединетите Американски Држави (САД) и Русија соопштија дека постигнале договор за „прекин на непријателствата“ во Сирија, кој, според најавите треба да стапи на сила в понеделник на зајдисонце, јавува „Би-би-си“.
Според планот, силите на сириската влада треба да ги запрат борбените мисии во одредени подрачја кои се под контрола на опозицијата.
Русија и САД, исто така, треба да формираат здружен центар за борба против Исламска држава и милитантите на Фронтот Ал-Нусра.
Договорот за прекин на непријателствата во Сирија следи по неколкудневните разговори во Женева меѓу шефовите на дипломатиите на САД и на Русија, Џон Кери и Сергеј Лавров.
Планот бара од сириската влада и од опозицијата „да ги исполнат своите обврски“, изјавил Кери во Женева. Тој додал дека опозицијата, која ја има поддршката на САД, изразила подготвеност да го спроведе планот под услов и сириската влада да „покаже сериозност“ во врска со договорот.
Министерот за надворешни работи на Русија, Лавров изјавил дека ја информирал сириската влада за договорот и дека таа е подготвена да ги исполни своите обврски.
Планот предвидува и пристап на хуманитарната помош до отсечените подрачја.
Извор: Мета.