Монах од Србија е тешко повреден на Халкидики, откако скокнал од амбулантно возило во движење додека бил транспортиран кон болница, објавија грчките медиуми.
Според информациите на грчката државна телевизија ЕРТ, инцидентот се случил вчера, при транспорт од Урануполи кон болницата во Полигирос. Монахот, на возраст од 48 години, претходно бил преземен од екипа на брзата помош бидејќи имал здравствени проблеми.
Од засега непознати причини, за време на превозот го одврзал безбедносниот појас и скокнал од возилото додека тоа било во движење. При падот се здобил со повреда на главата, по што екипата веднаш го запрела возилото, го вратила во брзата помош и го пренела во болницата во Полигирос.
Во амбулантното возило биле возач и спасувач. Според ЕРТ, тие биле приведени под сомнение за телесна повреда од небрежност, но подоцна биле пуштени на слобода.
Повредениот монах најпрво бил хоспитализиран на Халкидики, а потоа бил префрлен во болница во Солун, каде што продолжило неговото лекување.
