„Мајмунските сипаници“ пристигнаа и во Европа

Шведската агенција за јавно здравје го евидентира првиот случај на зараза со нова варијанта на мајмунски сипаници надвор од африканскиот континент, односно во Европа, јавува Би-би-си.

Едно лице од Шведска се заразило за време на неговиот престој во Африка.

Веста доаѓа веднаш откако Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата на мајмунски сипаници во Африка за глобална здравствена криза.

Најмалку 450 луѓе починаа од мајмунски сипаници во Демократска Република Конго, а болеста оттогаш се прошири во областите на централна и источна Африка.

Заразеното лице побарало лекарска помош во реонот на Стокхолм, а шведските здравствени власти тврдат дека во моментов нема поголема опасност за општата популација.

Од почетокот на оваа година, повеќе од 17.000 случаи и повеќе од 500 смртни случаи се пријавени во 13 земји во Африка, според Африканските центри за контрола и превенција на болести, кои ја класифицираат оваа епидемија како „настан со многу висок ризик“. Најголем број случаи – повеќе од 14.000 – има во ДР Конго, која објави 96% од потврдените случаи овој месец.

Мајмунската сипаница е вирусна болест која лесно се пренесува меѓу луѓето и од заразени животни. Според СЗО, може да се пренесе преку близок контакт, како што се допирање, бакнување или секс, како и преку контаминирани материјали како што се чаршафи, облека и игли. Симптомите вклучуваат треска, болен осип, главоболка, болки во мускулите и грбот, недостаток на енергија и зголемени лимфни јазли.

Сипаниците можат да бидат смртоносни, а според податоците смртта се јавува во четири од 100 случаи. Повеќето луѓе развиваат благи до умерени симптоми кои се проследени со целосно закрепнување, но луѓето со ослабен имунолошки систем се изложени на поголем ризик.

Со децении, болеста главно беше регистрирана во Централна и Западна Африка, но таа почна да се шири во Европа и Северна Америка во 2022 година. СЗО претходно го прогласи ширењето на мајмунските сипаници за глобална здравствена криза во јули 2022 година и заврши во мај 2023 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e