Папата Франциск, утре на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан ќе ја прогласи Мајка Тереза за светица.
Предводник на македонската државно-црковна делегација на свеченоста во Ватикан е претседателот Ѓорге Иванов.
На свеченоста, покрај Иванов, ќе присуствуваат министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, градоначалникот на Град Скопје, како и член на фамилијата на Мајка Тереза.
Своето присуство на манифестацијата во Рим го потврдија Никола Груевски, Зоран Заев и Али Ахмети.
По повод прогласувањето, во Македонија ќе се одржи манифестација „Денови на Мајка Тереза“ која ќе започне утре, а ќе трае до 11 септември.
Првиот настан – света литургија – ќе се одржи на утре во Спомен-куќата на Мајка Тереза во Скопје.
Од 5 до 11 септември во Скопје ќе има серија хуманитарни активности, а централната манифестација ќе се одржи на 11 септември, недела, во нејзиното родно место, на плоштадот Македонија, кое ќе се прогласи за светилиште.
Централната манифестација во Скопје ќе ја предводи кардинал – пратеник на папата.
Организатор на прославата е Скопската бискупија, а покровител е претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.