Јуни 2024 година – најтопол откако се следени температурите

Јуни 2024 година е најтоплиот јуни откако се регистрирани мерењата на глобалната температура.

Со просечна температура на воздухот од 16,66 степени, тој беше за 0,67 степени потопол од просекот за периодот од 1991 до 2020 година и за 0,14 степени потопол од минатиот јуни, објави Службата за климатски промени Коперник (C3S) на Европската унија.

Ова е неверојатен 13-ти месец по ред, кој е најтопол откако се следат температурите, се наведува во соопштението.

Според податоците, јуни бил за 1,5 степени потопол од истиот месец во периодот од 1850 до 1900 година, што претставува прединдустриска референца. Тоа значи и дека ова е 12-ти месец по ред кога е пробиена границата од 1,5 степени во однос на прединдустриската ера – наведува C3S.

Кога станува збор за Европа, температурите во јуни 2024 година беа за 1,57 степени повисоки од просекот од 1991 до 2020 година. Ова го направи овој втор најтопол јуни во европската историја.

„Јуни е 13-ти месец по ред кога се уриваат глобалните температурни рекорди и 12-ти месец потопол за повеќе од еден и пол степен во однос на прединдустриската ера. Ова е повеќе од статистички необична бројка, но нешто што ја истакнува големата и постојана промена на нашата клима. Дури и ако оваа екстремна серија наскоро заврши, ќе видиме дека се поставуваат нови рекорди додека затоплувањето продолжува. Ова е неизбежно доколку не ја намалиме емисијата на штетни гасови со ефектот на стаклена градина“ – изјави Карло Буонтемпо, директор на Коперник.

Според податоците, оваа година веројатно ќе ја надмине 2023 година како најжешка во историјата, пренесува Ројтерс.

Научникот Зик Хаусфадер проценува дека сега има околу 95 отсто шанси, 2024 година да ја надмине претходната година и да стане најтоплата откако се направени мерењата на температурата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e