Хрватска воведува построги правила за странски работници: Ова се деталите

Хрватска од следната недела воведува нови, построги правила за вработување на странски работници од трети земји, согласно нов правилник на Министерството за внатрешни работи.

Според новите мерки, странските работници ќе можат да добијат работна дозвола само доколку достават доказ за здравствена состојба, вклучително и медицинска документација и податоци за вакцинација. Оние кои не се вакцинирани според хрватската програма ќе мора дополнително да се вакцинираат.

Истовремено, се зголемуваат и обврските за работодавачите, кои ќе треба да обезбедат соодветен сместувачки простор и плата за работниците, што ќе се потврдува со договор за работа и договор за закуп.

Строги услови за сместување

Новиот правилник пропишува минимални стандарди за сместување:

најмалку 14 квадратни метри по работник

дополнителни 6 квадрати за секое следно лице

задолжителен санитарен јазол и кујна

проветрување и соодветен мебел

одвоено сместување за мажи и жени (освен за семејства)

Во стан од 56 квадратни метри, според новите правила, ќе можат да престојуваат најмногу осум работници.

Ограничување на трошоците

Киријата не смее да надмине 30 проценти од нето-платата на работникот и мора да биде јасно дефинирана во договорот.

Казни и контроли

Досега се евидентирани над 10.700 прекршоци на Законот за странци, при што работодавачите се казнети со околу 1,2 милиони евра, најчесто во градежништвото, угостителството и такси превозот.

За непријавен труд се изречени дополнителни казни во износ од 3,2 милиони евра.

Над 100.000 странски работници

Според официјалните податоци, во Хрватска работат повеќе од 105.000 странски работници, најмногу од Босна и Херцеговина, Филипини, Непал и Србија.

Во првиот квартал од годинава се издадени околу 47.000 работни дозволи, што претставува пад од над 23 проценти во однос на претходниот период.

Цел на мерките

Властите наведуваат дека целта на новите правила е подобрување на условите за работа и живот на странските работници, како и зголемена контрола во процесот на нивно вработување.

Телеграф.рс

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e