Поплавите продолжуваат да ја пустошат централна и источна Европа, а ситуацијата е алармантна во многу области. Романија подигна кампови за раселените луѓе и започна спасувачки операции по поплавите во кои загинаа најмалку четири лица и уништија илјадници домови на истокот на земјата.
За да се пренесат луѓето на безбедно се користат воени бродови и авиони, а премиерот Марсел Сиолаку изјави дека приоритет е да се спречи понатамошна загуба на животи, пренесе Би-Би-Си.
Обилните дождови ја зафатија централна и источна Европа во последните денови, реките се преполни, а предупредувања за поплави се издадени во Чешка, Полска, Австрија, Словачка и Унгарија. Во меѓувреме на повисоките места падна и првиот снег.
Во чешкиот главен град Прага се подигнати брани против поплави. „Мораме да бидеме подготвени за најлошото сценарио. Пред нас е тежок викенд“, изјави чешкиот премиер Петр Фиала по состанокот на централниот кризен комитет на владата, пренесе Ал Џезира.
Жители се евакуирани и во делови на Полска. Полскиот министер за внатрешни работи Томаш Шимоњак рече дека „ситуацијата е тешка“ во областите околу четирите реки и предупреди дека „најлошото допрва доаѓа“. На југозапад реката Биала го надмина безбедното ниво за два метра.
Во градот Вроцлав илјадници жители морале да ги користат скалите на високите згради бидејќи лифтовите биле исклучени поради страв од поплави, јавуваат локалните медиуми. Премиерот Доналд Туск се обиде да ја увери јавноста дека прогнозите „не се премногу алармантни“ и дека заканата не се однесува на целата земја.
Во Австрија, за која претходно беше објавено дека го доживеа најтоплиот август досега, многу региони очекуваат 10-20 см дожд за неколку дена. На некои места на север се прогнозираат над 20 сантиметри, јавува Би-Би-Си.
Можни се и поплави и лизгање на земјиштето, во главниот град Виена се очекуваат силни ветрови, а на запад обилните врнежи од снег исто така ќе предизвикаат прекини во сообраќајот. Континуирани обилни врнежи се очекуваат и во германската покраина Баварија.
Градоначалникот на Будимпешта од понеделник издаде трет степен на опасност од поплави.
Од неговиот кабинет наведуваат дека се очекува да биде поплавен долниот брег на Дунав, пренесе Јутарњи лист.