Двајца полицајци се повредени во силна експлозија која одекнала во сутерен во деловна зграда во центарот на Будимпешта, соопшти денеска полицијата.
Експлозијата се случила синоќа, околу 22.30 часот, а засега не е познато што ја предизвикало.
Повредените двајца полицајци биле во патрола кога одекнала експлозијата и се хоспитализирани. Нема информации за други повредени.
Полицијата го блокираше овој дел од градот и ја евакуираше зградата. Во тек е истрага за причината за експлозијата, која не предизвикала пожар.
Евакуирана е и познатата музичка академија „Лист“, која се наоѓа веднаш до зградата каде што се случила експлозијата, пренесуваат локалните медиуми, наведувајќи изјави од очевидци дека експлозијата ги затресла и соседните згради, поради што луѓето почнале панично да бегаат.