Зврлевизам

Имав одредена дилема за насловот. Можеше да биде и трилема, ама сепак се задржав само на две персони и катастрофалниот происход од нивното узурпирање на демократскиот македонски простор, секој во својата област: Зврлевски и Канческа Милевска.

Што ќе рече, можеше да биде и „канчевизам“, зашто нејзините резилтати (од резил, да нема недоразбирања!) се многу блиски до резилтатите на другата персона, оној како излезен од цртан филм. А сепак, тој превагна, зашто неговата должност беше да ја штити правдата, правото, демократијата … а не – власта, која и да е’. За разлика од тоа, овој ја растури, ја разнебити, ја урниса, ја избрука, ја фрли на буниште, или во Вардар. Правдата, мислам, и правото. Канческа требаше само да ја разнебити културата и тоа успешно го направи, ама сепак во споредбата култура vs правда некако правдата ми натежнува на терезијата. (Инаку, во трилемата ми беше вклучен и ТодорОФФ како неприкосновен експерт за смрт. И не ме пишмани последната случка со него,  како божем некаква жал или не дај боже пиетет, туку областа на неговата „експертиза“ сепак остана некако затворена, со тук-таму провеви правени од малкумина еминентни и пред се’ смели лекари – од типот на Пановски, Ставриќ и неколкумина други – а на кои им дојде преку глава дилетантизмот на персоната и неговите тодоровисти).

Затоа, сепак – зврлевизам, како второ (по груевизмот) зло што ќе остане запаметено во колективната меморија на овие простори. И не случајно премиерот Заев  – како тоа денес убаво звучи! – веќе во првата реченица по изборот на новата влада го посочи токму тоа зло и побара оставка токму од Зврлевски, тој трагикомичен лик на македонската сегашност кој ќе влезе во нашата црна историја.  Зашто, паралелно со груевизмот, односно како негов типичен производ, и происход, го гледавме инсталирањето и на зврлевизмот како збирен поим на однесувањето (не само) во македонскиот правен систем. Го гледаме и сега, се’ уште, иако веќе на издишување. Или, ако сакате, зврлевизмот е речиси идентичен со груевизмот, само со малку потесен опфат. Нема да биде лесно да се порази и да се исчистат сите негови рецидиви. Ви текнува на „историското“ гостување на ова човече во „Топ тема“? Сте виделе скоро таков перфиден лик, премачкан со сите бои, лаже а отвори уста, говори за правото и правдата како да си ги донел од дома, не’ убедува дека тоа што сме го слушнале – не сме го слушнале, тоа што го гледаме – не го гледаме? Такво нешто има само во цртани. Но и сите оние ликови околу него, почнувајќи од онаа Гешковска, па другана, некоја Вилма или како веќе се вика. Тие станаа олицетворение на копиите на злото, прва замена на ликот на главниот дпмнеовски монструм, негова лева и десна инквизициска рака. Сега, се’ уште, веројатно не знаеме колку семејства унесреќија овие неранимајковци, колку невини луѓе лежат по затворите, со какви се’ фашизоидни методи се служеле и што се’ кријат нивните фиоки и зандани. Па ене го новинарот Божиновски, нека е и црн ѓавол, ама го фрлија во зандана и го заборавија!

Можеби затоа и оној Зврлевски не одговара на повикот на премиерот? Му треба уште некој ден, да уништи, да сокрие, да манипулира? Ама кај ќе бега, што ќе крие, кога не може да ги сокрие луѓето по затворите? Или оние кои успеаја да излезат од таму? На пример Кежаровски, чиј што случај уште го шетаат по судовите? Човекот одлежа повеќе од две години заради еден текст, а силеџиине и убијцине во обид од 27 април ги пуштија – со условна осуда! Правдата можеби, по дефиниција, е достижна, некаде. Ама не и тука, или барем – не беше. Не беше зашто овие зврлевистички гниди ја држеа како во менгеме. Не смееше да писне, пустата!

Е сега, имаше донекаде логика неодамнешната порака на г-дин Тортевски кога велеше „оставете ги Зврлевски и Гешковска сами да се удават во злосторничкото здружение“. Ама не, овие ликови се покажаа форматни злосторници, тврдокорни, силен плевел. За нив се потребни посебни мерки, и хемија и физика! Јасно е дека еден режим од размерите на груевизмот мора да има такви слуги како Зврлевски и компанија. Ама овие станаа негов амблем, заштитно лице, прва виолина. И по нивен углед беше понатаму устроена целата државна управа. Затоа, зврлевизмот не живее само во ОЈО или како ли се вика нивното дувло. Тој е во сите кабинети, во сите институции. Сите се – Зврлевски!

Инаку, говорејќи за дувлата, вчера имав можност, со новиот министер за култура Алаѓозовски и неколкумина други да влезам во (не)културното дувло на Канческа Милевска. И – дувло е дувло, само што ова очигледно е женско или лисичје дувло, како сакате, со нагласено силна кич нота. Како впрочем и таа која што пребиваше во него. Ама сепак, културното дувло, дури и кога е некултурно и кич, има некоја поблага, посмирена атмосфера, можеби заради сликите (инаку жив очај, со мали исклучоци!) испозакачени по ѕидовите. И сега, се обидувам да замислам како ли изгледа дупката на Зврлевски? Со справи за мачење, со лисици по масите, со слики на газдата по ѕидовите, тврдокорни знамиња и други инсигнии. Којзнае, не ни сакам да го видам. Ама сакам да го видам Зврлевски и зврлевистите таму каде што испратија толку многу луѓе!

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e