Во што верува Зоран Заев?

Новиот премиер верува дека може да биде трансформативен лидер кој ќе понуди визионерска, а не одбранбена социјалдемократија и дека откако ја промени партијата може да го промени и општеството. Колумна на Љупчо Поповски за Дојче веле.

Што мислеше новиот премиер, Зоран Заев, кога влегуваше во својот нов кабинет да ја преземе функцијата од Емил Димитриев? Дали им веруваше на своите очи кога поминуваше покрај портретите на поранешните премиери (најголемата рамка беше за сликата на Никола Груевски и само на неа и на онаа на Димитриев беше насликано македонското знаме, како тие да биле единствените бранители на државата) и дали се сеќаваше на оние мигови пред две и пол години кога беше тајно сниман за време на контроверзниот разговор? Дали се сеќаваше дека тие одаи беа сосем поинакви од оние во кои го пречека Димитриев? Дали ја виде оваа монархистичка промена во ентериерот во собата во која се обидуваше да се надмудрува со Груевски? Дали забележа дека влегува во срцето на она против кое се бореше три години, кога како влог се стави себеси, своето семејство, неговата партија, огромен број граѓани? Дали помисли кога седнуваше на кожната фотелја во кабинетот обложен со дрво, стилски мебел ала-Луј (не е важно кој) и големи слики со Рубенсови пропорции, дека новиот министер за култура, Роберт Алаѓозовски, најави итна ревизија на проектот „Скопје 2014“?

Затоа што не е Александар на коњот клучот на овој проект, туку тоа е архитектонското чудовиште што беше направено од елегантните коцки покрај Вардар. Ова архитектонско чудовиште е симболот на потонувањето на македонската демократија, на заробените институции и заробените умови. Бруталната преправка на зградата на владата, која нема ништо заедничко со 2017 година, е алфа и омега на соочувањето на граѓанството со годините во кои се инсталираше нова историја и нов идентитет. Зоран Заев уште одамна најави дека кога ќе стане премиер ќе ја урне високата ограда околу владата која ја изолира зградата од граѓаните како некој средновековен замок. Ќе видиме дали тој тоа навистина го мислел и верувал дека ќе го направи. Доколку Зоран Заев покаже дека се чувствува конфорно во тие монархистички одаи, тогаш може лесно да зачекори на патот на она што познатиот професор од „Принстон“, Дени Родрик, го нарекува „конкурентен авторитаризам“.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)                                                                                       Љупчо Поповски

Што е поважно – вредностите или доктрината?

За време на дебатата во Собранието околу програмата на новата влада Заев телеграфски наведе што се неговите цели во оздравувањето на македонското општество. Тоа не беше некое широко експозе со филозофски концепт за новата преродба, туку повеќе збир на прагматични мерки кои треба да ја вратат довербата на граѓанството во потклекнатото општество. Како и кај секој политичар (и на исток и на запад) не недостасуваа популистички пароли („Ќе одржиме лекции по економија“), но можеа да се доловат повеќе точки на новата идеја во која верува Зоран Заев. Тој верува дека може да биде трансформативен лидер кој ќе понуди визионерска, а не одбранбена социјалдемократија и дека откако ја промени партијата може да го промени и општеството. Во 2014 година веруваше во проектот за средната класа кој ќе им понуди поголема еднаквост на граѓаните и ќе го одлепи нивниот живот од сиромаштијата. Сега неговиот концепт е малку изменет.

Откако во првиот ешалон во владата го постави бизнисменот Кочо Анѓушев, првото прашање е дали вредностите се над доктрината на левицата. Дали новата влада ќе биде фатена во замката на политиката на креирање на поголем раст кој нема да биде преточен во фер дистрибуција на новата вредност? Македонија е на европскиот врв според нивото на нееднаквоста. Клучното прашање за кабинетот на Заев е дали тој може да ја најде формулата според која либералната економија ќе може да ја помогне продуктивноста, да го зголеми економскиот раст и тој да биде колку што може повеќе еднакво распределен меѓу сите слоеви на општеството. Проектот за итно зголемување на минималната плата на 12.000 денари е мал чекор од она што Заев верува дека може да го направи, но тоа не ги решава проблемите на македонската економија. Во секоја нормална европска влада клучот за развојот на економијата лежи кај министерот за финансии, а не кај министрите за стопанство. Сиве овие години министерот за финансии кај нас беше редистрибутер на државните пари за гаснење на пожарите, за пополнување на буџетските дупки, за партиско-пропагандистички проекти, а сега Драган Тевдовски, на бранот на општествената поддршка, може да го трансформира министерството во замаец на развојот. Се разбира, ако неговите идеи може реално да се остварат и ако премиерот го остави со неговото знаење да креира економска политика која нема најмногу да мисли на партиските рејтинзи.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)Социјалдемократите веруваат дека виталноста на домашната економија може да го крене осиромашеното општество, заедно со странските инвеститори

Два економски концепта

Расправата во Собранието на свој начин ја покажа и разликата во двата економски концепта на владата што замина и на онаа што дојде. И тоа не е лошо. Затоа и се случуваат промени. Сегашниве опозиционери веруваа дека клучот во развојот на економијата се странските инвестиции и не можеа да се изначудат зошто во владата нема да има ниту еден министер за таква функција и дури бараа од мандатарот да им соопшти датуми кога ќе дошла некоја нова инвестиција од надвор. Социјалдемократите веруваат дека виталноста на домашната економија може да го крене осиромашеното општество, заедно со странските инвеститори. Кредитите за ова или за она сами по себе не можат да ја поткренат економијата, потребно е ново размислување, можеби пренасочување кон нови технологии, кон голем пресврт од она што Македонија досега го работеше.

Ако Зоран Заев, на пример, верува дека само со зголемувањето на земјоделските субвенции на 160 милиони евра годишно ќе ја крене оваа клучна економска гранка, тогаш е во заблуда. За да може земјоделските производи да бидат конкурентни на европскиот пазар, истурањето пари кај земјоделците не е доволно, па дури може да биде и залудно, како што се покажа овие години. Субвенциите не го решаваат проблемот, тие само се приспивна бајка за земјоделците. Поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, велеше дека Македонија има жилава економија, се снаоѓа да преживее. Тоа на прв поглед звучи убаво, но тоа е концепт само за преживување, а не за напредок. Има многу примери за трансформативни економии во постокомунистичкиот свет на Европа (како Естонија, Летонија или Словачка) и нивните искуства би биле драгоцени за владата која вели дека има визија.

Mazedonien Amtsgericht in Skopje (DW/P. Stojanovski)Илјадници луѓе заглавени во кафкијанскиот свет на судовите го чекаат враќањето на правдата

Правична правда

Зоран Заев верува дека може да ја врати правната држава во земјата од каде што беше прогонета. Тој има лична причина за тоа – се појавува во неколку судски процеси и е убеден во својата невиност. Илјадници луѓе заглавени во кафкијанскиот свет на судовите го чекаат враќањето на правдата, каква и да била. Да беше проблемот само во Марко Зврлевски тоа лесно се решава со негова смена. Но, на пример, како вие ќе се чувствувате како дел од некој процес во кој обвинителот ја фалисификувал сопствената диплома за познавање на странски јазик? Овој скандал со фалсификатите во Академијата за обвинители и судии покажува во каква ужасна пештера се кријат оние што треба да одлучуваат за судбините на луѓето. Дури и со генерален реизбор на судиите тешко е да се реши проблемот во судството. Дури ни со плати од 3.000 евра. По две децении партиски и олигархиски притисок судиите сега би требало да одлучуваат независно и длабокомислено – голем дел од нив и заборавиле како изгледа тоа, ако воопшто и знаеле. Се изнаслушавме приказни од постарите судии и адвокати за времето од СФРЈ и академското ниво што владеело во судството. Во голем дел тоа беше така. Но време е да се тргне напред и да не се жали за она што веќе го нема, не само овде, туку и на сите простори околу нас. Неподелено е чувството на граѓаните дека за заздравување на едно општество е потребна правична правда. Луѓето сакаат да веруваат во оние што покажуваат знаење, квалификуваност и правичност (СЈО е најдобар пример за тоа), па ако Заев верува дека може да ја врати правната држава барем неколку скалила погоре, треба да биде чист пред себеси и спрема другите околу себе – владата ќе мора да предложи луѓе на клучните обвинителски и судски позиции кои се резистентни на притисок и во кои јавноста ќе има доверба. Најчистиот пат да се покаже што значи владеењето на правото во секојдневниот живот е да се сетиме што се случуваше кога немаше такво владеење. И дека владеењето на правото е темел за сите наши основни права. Токму тоа треба Зоран Заев да го има постојано на ум.  Доколку тука потклекне, Заев ќе го трасира патот за големо разочарување на јавноста во него.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e