Важно е да не застанеме и кога целта е недостижна

Седат луѓето во ложите на фејсбук и твитер во национаниот амфитеатар, грицкаат семки, прават и пуштаат авиончиња од стари весници и од кофите со леблебија маваат по актерите што во политичката арена им изгледаат неубаво или прават нешто што не им се бендисува.

Идејата за контролната функција на јавноста што се ослободи во борбата против злосторничкиот режим на вмро-дпмне, брза да се претвори во поза, во малограѓанштина, во бесмислено дрдорење, дури во функција на злото, во препичување, во сеирење, во нешто што е чиста спротивност на првобитната идеја, во бескрајно разголување на малата инцестуозна средина, во стриптиз кој го тера општеството да се занимава со безброј појавности, оставајки ги суштинските процеси да летаат под радарот на луѓето.
Искомплексираното општество самото на себе си докажува колку може да биде критички настроено кога не се плаши од власта, при што, за стравот од власта, секогаш ја осудува само власта, себе не!
Тоа што во демократскиот свет со традиција е дел од општествениот и политички спектакл, кај нас се аплицира како обична кафеанска врева во која не се знае кој пие кој плаќа.
Во слобода која тоа не е!
Големата доверба во политиките на новата власт, како и повисоките рејтинзи на Заев и на СДСМ, во однос на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат дека и во тоа тарабизирање, општеството знае да има позитивен став кон некои важни прашања, но, големо прашање е колку тој резултат доаѓа како инерција на ослободителните процеси, а колку е став кон случувањата сега. Радикализирањето на важни теми, каква што е онаа за јазиците и мигрантите, покажува дека ориентацијата на општеството не е толку темелна колку што е спектакуларна, дека помалку е резултат на длабинските промнени и на културното самоосвестување на заблудените и хистеризирани луѓе, а повеќе на дневниот опортунитет.

“Груевски не е случаен настан, туку е контролирана веројатност која влезе во дистрибуција тогаш кога се сметаше дека таква веројатност треба да заживее. Грешката што тој ја направи е во тоа што си помисли дека тој е дистрибутер на веројатности. Тоа го помисли затоа што му се стори дека процесот е завршен и исходите се постигнати. Кутриот, немаше капацитет да размисли за тоа дека процесот за кој тој ги донесуваше одлуките, не е дури ни терцијарен. Заборави дека е само една од веројатностите.
Заев добро го сфати тоа, добро сфаќа дека не треба ни да знае многу за процесот и за посакуваните исходи, туку дека треба да манифестира поведение со кое од една веројатност, ќе стане извесност.
Во политичката лабораторија на Балканот се покажа дека во експериментот на заживуваање на демократијата, веројатностите кои манифестираат својства на ексклузивност и водат кон херметичко затворање на сценариото, се работа на минатото, дека послужиле за создавање контекст во кој привидот на отсуство на варијабли создава несигурност преку дадена временска линија, за кога ќе се пласира ново-избраната веројатност што мириса на конечен исход со поинаков квалитет, тоа да се доживее како олеснување.
Како доаѓање на животот.
Може да звучи неверојатно, но неверојатно е дека Груевски било кога во иднина може да повторно да стане веројатност за која ќе се разгледа дали треба и може да се дистрибуира.
Готово е за него.
Тој веќе не треба да се занимава со веројатности.”
Лазар Попов вели дека овој текст го нашол некаде зад Нефрологија. Јас мослам дека се заебава, но, можеби и не се заебава. Зошто не би можело да се најдат паметни работи и умни анализи во контејнерите зад болниците!? Во секој случај, не го знам авторот на овој текст, а не го знае и Попов. Или не сака да каже дека тој го смислил ова убаво четиво. Како и да е, основната поента на текстот е ставот за односот меѓу историјата и политиката како перманентен процес во кој никој никогаш нема да стигнеме до конечните решенија за државата, општеството, нацијата, за среќата на луѓето, бидејки бесконечноста на процесите е посилна од идеите за крајот на историјата.
ВМРО-ДПМНЕ се обиде “херметички да го затвори историското сценарио за Македонија” и пукна под притисокот на процесите кои не успеа да ги задржи во својот експрес лонец. Работите пукнаа затоа што Груевски со својот газ не успеа да го додржи капакот на тенџерето во кое беше ставил да ја вари Македонија.
Ширината и добронамерноста на Заев, систематичноста, темелноста, инклузивноста итн. можеме да ги сфатиме како знак дека тој ги разбира закономерностите на историската игра. Или дека играта го одбрала него затоа што знаела дека нема да и пружа отпор! Сеедно! Но, тоа не значи дека од историската сцена не треба да се елиминираат веројатностите кои се дефиниција на екслклузивноста, на злосторничката полпотовска црвенокмерска ексклузивност, и тоа во името на отвореноста на процесите, а не во името на тоа тие да се затворат со капакот на СДСМ. Елиминирањето на ностелите на “херметички затвореното сценарио”, на Демократската партија за македонско национално единство како таква структура по дефиниција, не е спротивно на правилата на отворената игра туку елемент на играта, пасворд за вистински влез во апликацијата.

Еве, дали забележувате дека од злосторничкото здружување на вмро-дпмне не се јавуваат да кажат дека мороните и моронките што купувале вибратори и кукли на надувување со државни картички за безготовинско плаќање, се комуњарска инсталација што им е подметната со цел да се искомпромитира револуционерната борба на македонскиот народ и неговата единствена политичка артикулација, таа за “херметичко затворање на солуциите” во лицето на вмро-дпмне!
Никој ниту да писне!
Ниту ортодоксното, да не речеме зилотистичко крило на Антонијо, Илче и Агатангелче, ниту пак реформистичкото крило на вмроните чие име не го паметам!
Зошто е тоа така!?
Во вмронскиот етос таквата изјава би можела да се свати како поклонување на партијата пред некоја таму правност и правда, пред веројатноста која не се тие, а не пред членството. Тоа би било искокнување од вечните принципи на оваа злосторничка организација. Второ, баханалиите на малите сељанчиќи, на покондурените опинци, не е изневера на принципите на организацијата, туку најдиректно спроведување на тие начела. Според тоа, нема тука што вмро-дпмне да се извинува и корегира, човекот не е вморон ако кога има прилика не се решава да спичка некој денар државни пари за што било, за свинско бутче, за добар цицкарник, за чварки или за кучешка храна, за што било, битно е синергичното дејство на сопственото задоволство и на општата штета!

Бранко Тричковски

Колумна во “Слободен печат”

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e