Канчевизам

Ако има нешто што македонската култура ќе го памети за изминатава деценија, тоа секако ќе биде времето на канчевизмот и неговите нус производи. Или, ако сакате, „кич декадата“ на Канческа Милеска како своевиден специфичен, парадигматичен траг во времето на владеењето на  „најпатриотската“ македонска партија. Зашто, каде што  допре прстот на Канческа Милчевска, претвори во – канчевизам! Од Министерството за (не)култура, преку „Скопје 2014“ до вкупниот амбиент на македонската (не)култура: урнисан, изрезилен, посељачен, накараден, фрустриран, провинцијализиран, ретрограден пејзаж како од сликите на Бош.

И со сите оние сервилни трагикомични ликови ала „Рембрант“ и компанија кои шетаа низ канчевистичкиот пустош и инкасираа, до последниот ден, буквално. Како впрочем и новата в.д. на Операта и Балетот, назначена баш на 01 јуни! Што пак, се’, сума сумарум, и не е некое големо изненадување имајќи им го предвид шефот – главниот партиски капо и неговиот мефистофелевски печат на вкупните македонски состојби, па и тие во (не)културата. Впрочем, како и во зврлевизмот, и во канчевизмот канчевистите беа однапред согласни со своите слугински улоги, се разбира дебееело наплатени, во кеш или во привилегии / позиции, сеедно. Груевизмот бираше нему слични, па така произлезе и зврлевизмот и, секако, канчевизмот. Паранојата на главниот партиски газда и неговата фрик опсесија за контрола врз се’ и сешто како зараза се пренесуваше и врз неговите министри. Или и тие беа од истиот шизоиден ментален склоп, сеедно, но евидентни беа идентичните ставови, потези, вкусови, однесувања. Или се’ беше нивна добра глума, само за пари и власт и ништо друго? Што и да е’ – иако јас цврсто мислам дека е болест –  но сите до еден всушност беа луѓе за жалање, гревчиња, растени во којзнае какви услови, учени недоучени, невоспитани или кич воспитани итн. Но, со неограничената власт во рацете и поданичкиот менталитет на народот, соѕидаа „изми“ што оставија живи рани во македонското ткиво!

Канчевизмот рапидно се прошири низ македонската (не)култура пред се’ преку инсталираните раководни структури во институциите, а потоа и преку партискиот апарат на пониските рамништа, се’ до чуварите, вратарите, хигиеничар(к)ите … Но, носечкиот гаулајтерски кадар беше оној лумпен-културен и лумпен-уметнички светкој го препозна мирисот на кичот, на провинцијализмот и – на парите. Видоа дека овие се спремни да платат, дебело, за секаков изблик на простотилак и некултура, за кич и плагијат, за гег и финта, потиснувајќи ги сериозната култура и творештво на маргините на општеството. Со години канчевистите беа заседнати на буџетската трпеза гоштевајќи се со народни пари за своите творечки испрдоци што ја „збогатија“ македонската култура.

И затоа, според истата рецептура како и за зврлевизмот, и канчевизмот како особен тип на кич рецидив во македонската (не)култура, треба да добие  соодветни пораки, онакви каква што премиерот упати до Зврлевски. И не е битно кој ќе ги упати, најмалку тоа треба да биде премиерот, па дури ни министерот за култура. Тој, кога ќе треба, ќе им испорача тоа што треба. На канчевизмот јасна порака треба да му упати македонската култура, или она што останало од неа, па нека се и стотина луѓе. А ги има повеќе, сигурен сум. И бидејќи преостанативе канчевисти ја немаат ни онаа трошка доблест како тврдокорнион певец кој сам си поднесе оставка, пораката треба да биде упатена, со ред, на сите според заслугите: од онаа комедијанткана канчевистка која што бараше пластични куршуми за демонстрантите на „Шарената револуција“, па оној „ацевист“ во Управата за заштита кој измисли дека културно наследство можат да бидат и „Триумфалната порта“ и лепешкана наречена „Воин на коњ“ а попатно го збриша вистинското културно наследство на половина Скопје, преку оној горе во МСУ кој се гордееше со своето учество во маршот на тврдокорните па дури и повикуваше на придружба, па онаа во Националната галерија која како најсервилен канчевист успеа за една година на институцијата да и’ го потврди печатот на типична селска галерија, или оној во Музејот на македонскиот хорор кој мисли дека државата нему му направила приватен простор за да си прави изложби на разгледници … па до сите останати канчевистички глувчиња по националните институции до вчера спремни за парче смрдено сиренце да разнебитат и она малку што остана од македонската култура. И тоа ќе биде првиот (неопходен) чекор кон департизацијата и денацификацијата на македонската култура, чекор без кој што не ќе може да се тргне напред. Зврлевизмот и канчевизмот со тоа нема трајно да бидат елиминарни од македонската сцена зашто на неа и понатаму ќе вртат стотици поситни шрафчиња – некои ќе вртат дури и во празно, ама сепак посветено, зашто толку им фаќа умот – но во отсуство на моторната сила бргу ќе се изморат. А кога потоа ќе се отворат архивите и депоата, тогаш на виделината на денот ќе излезе сиот шљам, сета македонска (не)културна бламажа, сите профитерски зделки и злоупотреби што понатаму ќе водат и кон други законски дејствија!

Златко Теодосиевски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e