Или ќе покажеме солидарност или отидовме јабана

Не можам да разберам дел од луѓето во јавниот сектор, кои не сакаат скратувања за да се помогне да се платат платите во приватниот сектор, од чија работа зависи економијата и се плаќаат даноци со што се полни буџетот и добиваат плати – токму луѓето во јавниот сектор.

Не можам да ги разберам ниту дел од оние во приватниот сектор, кои секогаш нешто бараат од државата, а ги нема никаде кога треба да се откажат од нешто и да дадат. Сега државата ќе има тешкотии да даде секаде каде што ќе затреба, но постојаните „баратели“ и овојпат беа меѓу првите кои и се нацртаа на врата на државата.

Да не зборуваме за профитерите од секаков вид, кои во вакви тешки времиња, по онаа старата „некоме рат, некоме брат“, најмногу мислат за нивниот личен, а никогаш на јавниот интерес.

А ги има секакви – Од оние што профитираат со тргување со маски, ракавици и други средства за кои има голема побарувачка во овие денови, до оние што шират лаги и глупости по медиуми и социјални мрежи, само за да остварат некаков политички профит, или барем да ги збори народ некој ден. За цената што може да ја платиме сите ние, не ги интересира.

За среќа, и ова време има свои херои. Освен оние што се на првата линија – здравството, полицијата, војската, новинарите, луѓето во маркетите, аптеките…секојдневно ќе видите пример – некој се откажал од нешто свое, не мислел само за себе и направил нешто добро за сите.

Слушаме и читаме за нив, иако не доволно – фирми кои почнале да произведуваат и да делат бесплатно маски, луѓе и иницијативи кои им помагаат со неопходни работи на оние што немаат, уметници кои преку свои дела се обидуваат да го кренат духот на луѓето во времиња тешки за сите…

Тоа е единствениот пат за да се извлечеме со што помалку последици од оваа криза, драги мои. Солидарност. Глупаво е и оние во јавниот, а и оние во приватниот сектор, да ја сечат гранката на која седат. Сите што се во можност, треба да придонесеме. Оти, буџетот на државата ни е скромен, далеку од буџетите и на комшиите, не е азното на Али Баба за да може да ги плати сите наши потреби, а богами и желби. Особено сега кога уште потешко ќе се полни.

Секако дека треба здрава дискусија за тоа кои мерки најдобро ќе помогнат, но илузии дека некој ќе остане нечепнат од кризава, не треба да има никој. Државата покажува капацитет и потенцијал да не извлече од кризата, наше е да и помогнеме, сите, колку можеме, а не да и одмогнеме и да ја уништиме, токму кога ја спасивме од уништување и тргнавме кон подобра иднина.

Петрит Сарачини

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e