Министерот за култура Исмаили го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија

Министерот за култура Хусни Исмаили во рамките на престојот во Република Бугарија, го посети Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија.

Тој присуствуваше и на промоцијата на книгата „Ервехе“ од академик Луан Старова, која е преведена на бугарски јазик, а се сретна и со директорот Сашко Насев со кој разговараа околу сегашните и идните проекти за промоција на македонската култура во бугарската метропола, соопшти Министерството за култура.

Во поздравното обраќање пред присутните на промоцијата Исмаили изрази уверување дека книгата „Ервехе“, која е балканска сага за семејните корени, ќе наиде на голем интерес кај читателската јавност во Република Бугарија, која ќе може дополнително да се запознае со врвниот творечки дострел на еден голем и многу значаен автор, како што е академик Луан Старова.

Посочи дека Културно-информативниот центар во Софија, од неговото основање во 2005 година па сѐ до денес, дава свој значаен придонес кон промоцијата и афирмацијата на нашата култура, во бугарската метропола.

-Културно-информативниот центар во Софија низ годините прерасна во препознатливо културно седиште каде што секоја година се претставуваат голем број уметници и се реализираат проекти кои се резултат на одличната соработка на КИЦ со други културни институции во Софија. Ова е место за вистинска културна размена, простор на суштинска едукација, но и место каде што се создаваат вредни пријателства. Во тој контекст, сакам да упатам благодарност до директорот на Културно-информативниот центар, Сашко Насев, кој со голем ентузијазам и посветеност дава голем придонес кон продлабочувањето на  културните врски меѓу нашите две пријателски земји, Република Северна Македонија и Република Бугарија, истакна министерот Исмаили.

Досега во КИЦ во Софија се реализирани околу 280 програмски содржини од сите дејности на културата. Во периодот што следува во просториите на Центарот ќе се реализираат уште многу настани, меѓу кои и концертот „Есенски ноти“ на триото „Аура“ на 28 октомври, фото-изложбата „Животот во Хавана“ од Роберто Брсакоски, што ќе се одржи на 29 октомври, проекција на документарниот филм „Џезмен“ во киното „Одеон“ во Софија на 5 ноември, а следниот ден филмот ќе биде претставен и во Пловдив и многу други настани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ