Закон за јазици: Наместо пад, пат кон демократијата

Вицепермиерот за европски прашања, Бујар Османи, ќе побара поддршка и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за донесување на предлог-законот за јазици. По 16 години, се затвора и последното отворено прашање од Рамковниот договор.

До крајот на август ќе биде доставен во парламентот, неговото спроведување ќе чини 106 милиони денари од буџетот за 2018 година, со него треба да се затвори и последното отворено прашање од Рамковниот договор, а европското знаменце под кое ќе влезе во собраниска процедура значи дека е дел од националната програма за усогласување со европското законодавство. Ова се најавите за предлог – законот за употреба на јазиците, чија содржина е објавена на веб-страницата на Министерството за правда, а партиите беа запознати со него уште во постизборниот период. Тој беше еден сегмент од т.н. Декларација на албанските партии (критикувана како „Тиранска платформа“) која беше еден од клучните услови во преговорите за состав на новата влада. Како што изјавуваа од ДУИ,во тогашните преговори овој закон не бил спорен за ВМРО-ДПМНЕ, туку единствено продолжувањето на мандатот на СЈО. Но, по неуспехот да состават влада со ДУИ, од ВМРО-ДПМНЕ негираа каква било согласност со предлог-законот за јазиците и жестоко го критикуваа. Вицепермиерот за европски прашања, Бујар Османи, најави дека деновиве ќе побара поддршка за негово донесување и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Овој закон е одлична можност ВМРО-ДПМНЕ да го ревидира ставот во однос на Албанците. Текстот на законот е разговаран со сите политички партии и сите се запознаени со него. Очекувам наредните денови да се сретнам со претставници од ВМРО-ДПМНЕ со цел да укажам дека одредени прашања кои што се стратегиски важни за државата треба да се издигнат на натпартиско ниво и за нив да биде постигнат консензус. Се надевам дека ќе има разбирање по однос на потребата за затворање на ова важно прашање. По 16 години постигнавме меѓуетнички консензус преку партиите што ги претставуваат македонската и албанската заедница да најдеме начин да го усогласиме различното интепретирање на членот 5 од Уставот и последното отворено прашање од Рамковниот договор да го унапредиме“, рече Османи во интервју за ТВ „Телма“.

 Летен“ закон

Меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ не би требало да има недоразбирања по ова прашање. Токму на предлог на нивната коалициска влада, Собранието во 2008 година го усвои „Законот за употреба на јазик што го зборуваат 20 % од граѓаните во РМ и во единиците на локална самоуправа“. Тој стапи на сила на 7-годишнината од Рамковниот договор (13 август 2008 година). Уште тогаш беше уредена неговата употреба во органите на државната власт. Во членот 2 од законот е наведено: „Јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Република Македонија се употребува во Собранието на Република Македонија; комуникација на граѓаните со министерствата, судските постапки; управната постапка; извршување на санкции; народен правобранител; изборниот процес; при непосредно изјаснување на граѓаните; при издавањето на личните документи на граѓаните; предводењето на матичната евиденција; примена на полициски овластувања; во радиодифузната дејност; инфраструктурни објекти; локалната самоуправа; финансиите; економијата; образованието и науката; културата и во други области и институции согласно со овој закон.“

Три години подоцна, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ веднаш по изборите, во јули 2011 година истиот закон го надградија и го дополнија. Со измените се овозможи покрај пратениците, на собраниските седници и на работните тела и министрите да зборуваат на албански јазик. Беше донесена одредбата и седниците на собраниските комисии да може да бидат водени на албански јазик.

И законот во 2008, и неговите измени во 2011, беа носени во лето кога поголем дел од граѓаните/гласачите се на годишен одмор, по скратена процедура и без јавна дебата. Една од опозициските „бомби“ сведочи како лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски во 2011 година ѝ соопштува на пратеничката Силвана Бонева дека со ДУИ се договориле за измените на законот, но „од утре почнува маката“ и затоа негативните работи (за рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ) треба да се протуркаат во парламентот што поскоро.

„Наредните 7-8 дена ќе бидат тешки за нас многу. Мој избор е тоа да биде веднаш, а не да чекаме после септември-октомври. Тоа што сме презеле негативно да го истуркаме сега (…) Веднаш, и да сме на раат после цел мандат. (…) До кај понеделник, најкасно вторник другата недела да се заврши приказната. Гласање-масање и …“, вели Груевски.

Од ВМРО ДПМНЕ ќе се бара поддршка на Законот за јазици

Еден став како власт, друг како опозиција  

Но, партијата која како власт придонесе во донесувањето и проширувањето на овој закон, од позиција на опозиција стана најголем критичар на законското допрецизирање на јазичните права, чие спроведување е обврска од Рамковниот договор. „Пат кон федерализација“, „продажба на државата“, „противуставен закон со кој се поткопуваат темелите на мултиетничноста“, се најчестите критики на адреса на предлог-законот и новата влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Одговорите од власта – дека предвидените решенија се во рамките на Уставот и дека тие ќе бидат дадени и на оценка во Венециската комисија, не ги смируваат критиките. Деновиве беа презентирани и резултати од телефонска анкета на Институтот „Павел Шатев“ спроведена на 1.350 испитаници. Од испитаниците Македонци и од други етникуми (без Албанците) дури 88,1 процент не го поддржувале предложениот закон, а 80,9 проценти сметале дека тој ќе биде вовед во федерализација на Македонија. Вакви тонови доминирале и на завчерашната средба на Груевски со претставници на задграничните комитети.

„Претставниците на задграничните комитите на ВМРО-ДПМНЕ изразија загриженост за моменталната политичка состојба, како и за реализацијата на предизборните ветувања на Зоран Заев и СДСМ кои водат кон разнебитување на државата“, соопшти партијата.

Вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Хазби Лика, пак, на вчерашното одбележување на 16-годишнината од Рамковниот договор, порача дека СДСМ и ДУИ се на вистинскиот пат.

„Со одобрување на законот за употреба на јазиците, кој наскоро ќе треба да се донесе од страна на парламентот, сегашната влада покажува дека сме на прав пат кон реализација на реформите и понатамошната демократизација на државните институции“, изјави Лика. Своја оценка даде и пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски: „Денеска кога се чувствува политичката решителност на власта да се напушти дневно-политичкиот бенефит од националистичката реторика и се отвори патот на остварување на наднационалните интереси на Република Македонија, сите заедно треба да се фатиме во костец со искушенијата да не се подлегнеме на притисокот на пропагандата која трасира пат на поделби и непријателства“.

Две нови институции

Како што стои во образложението на предлог – законот за употреба на јазиците, тој ќе предизвика фискални импликации во износ од 106 милиони денари, кои ќе се обезбедат во буџетот на Република Македонија за 2018 година. За негова имплементација ќе бидат распределени 90 милиони денари на различни буџетски корисници, а 16 милиони денари за функционирање на новите институции предвидени во членовите 18 и 20 од овој предлог – закон. Со членот 18 се предвидува основање на Агенција за примена на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните на Република Македонија, во која покрај овластени судски преведувачи ќе се вработуваат лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Според членот 20, за надзор врз спроведувањето на одредбите на овој закон, се формира и Инспекторат за употреба на јазиците во состав на Министерството за правда, со својство на правно лице. Во однос на вработувањата во новите институции, се предвидува еден дел да бидат реализирани по пат на преземање од други државни институции, пред се од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор.

Извор: Дојче веле

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e