Заев: Оваа коалиција со граѓаните е предодредена на успех, затоа што е коалиција за живот!

Обраќање на 21. Конгрес на СДСМ
Зоран Заев, претседател на СДСМ,
Скопје, 06.11.2016

Почитувани делегати, почитувани гости, почитувани претставници на медиумите,

Денеска во текот на денот доста зборував. Зборував за сите детали, за нашите очекувања, за суштината и содржината на тоа до коешто денеска дојдовме, да се понудиме себеси, нашите политики, нашите најдобри кандидати пред граѓаните на Република Македонија.

Дозволете прво да изразам огромна чест што ќе ја предводам битката во четвртата изборна единица. Јас сум роден таму, таму пораснав, јас таму и до ден денеска живеам. Мојата намера е да продолжам да живеам во четврта изборна единица, а да ја водам Република Македонија водејќи ја извршната власт.

Огромна е честа да се води најземјоделската изборна единица во Република Македонија. Јас сум човек кого животот го научил и од земјоделие, и од бизнис. Животот ме научил и од работничка мака, но животот ми даде шанса, да покажам, и пред себе и пред другите, дека ако се сака се може, со мојата Струмица.

Јас сум горд на тоа што денеска е Струмица. Не беше лесно кога граѓаните ја дадоа честа и одговорноста. Пливаше во долгови. Се фатив за главата и не знаев како ќе биде. Предизвикот беше огромен. Денеска Струмица е една од најразвиените општини во Република Македонија.

Ова го кажувам за да не губиме верба, дека не може. Може и со нашата Македонија.

Нема да зборувам за сите детали и мерки заради тоа што тоа од утре буквално ќе биде наше секојдневие. Ќе ги промовираме во сите свои детали. Дел од моите колеги носители тоа го направија.

Само ќе кажам, благодарност до делегатите на овој конгрес, што беа големи, донесоа историски одлуки. Морам да се заблагодарам во името на сите 20 кандидати, заради тоа што навистина се внимателно избрани, луѓе коишто пред се и над се, си ја сакаат својата земја, Република Македонија.

Истовремено, нема да ветувам работи, ќе ви ветам само една работа.

Ви ја ветувам Македонија со целата нејзина гордост, а вие, со целото достоинство и гордост како живеете токму тука, во Република Македонија, и како нашите деца живеат тука, и како ќе почне моментот и тие што ни заминаа да се вратат овде.

Ви ветувам напредна, успешна Република Македонија, гордост на секој граѓанин подеднакво, што живее овде.

Ова го заслужувате почитувани делегати заради историската одлуката што вечерва ја донесовте. Вие од името на СДСМ вечерва потврдивте дека не веруваат само граѓаните во граѓанскиот концепт. Гласајќи вакви листи вие потврдивте дека најголемиот политички субјект, најдржавотворниот политички субјект верува во граѓанскиот концепт. И тоа е концептот којшто ќе успее во Република Македонија.

Токму затоа оваа коалиција со граѓаните е предодредена на успех. Оваа коалиција со граѓаните што ќе го врати животот во Македонија.

Ова е коалиција со граѓаните коja излегува на избори на 11 декември и победува!

Затоа што ова е коалиција за животот.

На 11-ти декември носиме живот во Република Македонија!

Да живее Република Македонија!

Да живеат граѓаните на Република Македонија!

Почитувани делегати, со тоа и официјално завршува денешниот конгрес на СДСМ, којшто ќе биде запишан во аналите на современото живеење во Република Македонија!

Нека ни е со среќа и успех на сите.

Нека и е со среќа и успех на Република Македонија!

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e