Влада: Афирмaцијата на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот „Медена земја“ заслужуваат најголема и достојна поддршка

Владата донесе одлука за материјална помош и поддршка на авторите и протагонистите на филмот „Медена земја”, кој по серијата меѓународни филмски признанија, е номиниран за највисоката филмска награда „Оскар” во две категории, објави вечерва на својот фејсбук профил техничкиот премиер Оливер Спасовски.

– Обезбедуваме материјална помош и домување за Атиџе Муратова и осумчленото семејство што учествуваше во филмот, а за авторите, петчлената екипа која го сними филмот признание за успехот и месечен материјален надомест.  За широка афирмиција на големите и благородни пораки што ги пренесува филмот, Владата ќе ја поддржи организацијата на серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, и организирано прикажување на филмот „Медена земја” во сите средни училишта во земјата, на универзитетите и во домовите на култура, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик, наведува Спасовски.

Владинатата прес-служба, соопшти дека Министерството за труд и социјална политика е задолжено да ги преземе сите потребни активности за материјална помош и домување за Атиџе и нејзиното семејство, а Министерството за култура да обезбеди државна награда соодветна за достигнувањето на екипата што го сними филмот, која треба да предвиди признание за успехот и месечен материјален надомест.

Владата и препорача на Агенцијата за филм да организира прес-конференција на која ќе се разговара за улогата на владината агенција и фер распределбата на буџетските средства за поддршка на македонски филмови, и на прес-конференцијата да се поканат и продуцентите односно филмската екипа.

Министерството за животна средина и просторно планирање треба да организира серија едукативни настани за темите што ги отвора филмот, а Министерството за култура, во соработка со Министерството за образование и наука, да организираат емитувања на „Медена земја” за сите средни училишта, на универзитетите и во домовите на култура.

Канцеларијата на претседателот на Владата, пак, презема обврска, во соработка со продуцентите на филмот да организира бесплатно емитување на филмот за граѓаните во кината, како и заедничко гледање на филмот со децата од малите групни домови, и лицата од социјален ризик.

Како дел од одлуките за признание за авторите и протагонистите на филмот „Медена земја”, Владата ги задолжи Генералниот секретаријат, во соработка со Агенција за филм и Канцеларијата на премиерот, да ги преземат патните трошоци околу патувањето на петчлената филмска екипа и протагонистката на доделувањето на Оскарите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e