(Видео) Релациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Виктор Орбан

Во 2001-та година време на владеењето на Љупчо Георгиевски за 350 милиони евра „Маѓар Телеком“ го купува Македонски телеком. Со оваа зделка компанијата си обезбедува 4 годишен монопол на македонскиот пазар бидејќи државата е обврзана договор за либерализација да потпише во 2005-та година. Но оваа обврска Македонија ја пролонгира и се обелоденува аферата „Телеком“. Во неа се открива дека Унгарците во тоа време поткупувале политичари од власта и опозицијата во Македонија за да се одложи либерализацијата договорена со ЕУ и да продолжи монополот кој одеше на штета на македонските граѓани. Ова беше една од првите зделки која се склучи меѓу Македонија и Унгарија. Во тоа време министер за финансии во Македонија беше Никола Груевски а премиер во Унгарија, Виктор Орбан. Од тогаш па наваму, во владеењето на двајцата ќе бидат склучени многу договори и бизниси меѓу Унгарија и Македонија, но и многу афери.

Според сведочењата на поранешниот прв човек на тајната полиција Слободан Богоевски, за исплата на поткупот со фиктивни договори во Македонија била основана компанијата за маркетинг и истражување „Аналитико“. Во неа како основачи се појавуваат имињата на голем број тогашни членови на извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.На листата  се  Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Елизабета Канческа Милевска, Кирил Божиновски. Сите тие подоцна ќе станат едни од најистакнатите играчи во ВМРО-ДПМНЕ, но и  на владејачка политичка гарнитура, која ќе владее со Македонија повеќе од 10 години.

Аферата „Пари во шише“ беше вториот поголем скандал кој ги поврзуваше двете земји. Во 2011-та возачот на Срѓан Керим, тогашниот директор на МПМ беше фатен со 750 илјади евра во шише во службеното возило, со кое требало да стаса до Австрија. Шишето било откриено на унгарска граница но царинските служеници го пуштиле возачот заедно со парите.

Не помалку замрсено  беше  објавувањето на аферата „Шпион“ која во 2014-та резултираше со судски пресуди за припадници на безбедносните  служби и институциите, повторно ги поврза Македонија и Унгарија. Обвинителството ги товареше за мрежа која што наводно шпионирала за грчката и унгарската служба. Ване Цветанов, еден од обвинетите тврдеше дека процесот е политички монтиран, а дека неговата единствена комуникација со Унгарија била службена единствено за случајот „пари во шише“.

Во 2013-та година унгарскиот премиер доби орден, и тоа највисок „8-ми септември“, за афирмација и јакнење на меѓународниот углед и положба на Македонија.

Груевски и Орбан ги поврзува уште еден човек. Џорџ Сорош. Најголемиот непријател на Груевски кога ја извршуваше премиерската функција, но исто така и најголем пријател на Виктор Орбан. Барем тие така гледаат на него, како на најголем државен непријател. Кон крајот на владеењето на Никола Груевски во Македонија почна и таканаречен процес на десоросоизација предводен од голем број новинари, но истиот според многумина беше лов на вештерки и неуспешен концепт.

Последна во низата афери е влегувањрто на унгарски капитал кој според медиумите се поврзува со Орбан, а завршува во Македонија. Со него е поврзана една македонска телевизија со национална концесија но и медиумска компанија под чија капа се неколку онлајн медиуми кои во минатото биле под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e