Сведок: ВМРО и ДУИ го спасуваат Зврлевски – ќе поднесе оставка за да биде заменик обвинител

Јавниот обвинител Марко Зврлевски ќе си поднесе оставка за да може Советот на јавни обвинители да го именува за заменик републички јавен обвинител, функција која е трајна и не подлежи на мандат и реизбор, дознава СВЕДОК од извори во советот на јавни обвинители.

Тоа, според планот направен помеѓу ВМРО ДПМНЕ и ДУИ треба да се случи неделава, за да се избегне формирање на Влада, која според сите најави, прво ќе бара разрешување на директорот на БЈБ во МВР Митко Чавков и на Јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Доколку Зврлевски би бил разрешен на тој начин од Собранието, на предлог на Владата, треба да замине од Јавното обвинителство, но вака, според „читањето“ на законот од страна на „експертите“ во Советот на јавни обвинители, Зврлевски би си останал како заменик во Јавното обвинителство, функција која има траен мандат.
Иако Законот не предвидува таква опција за обвинител кој од едно обвинителство бил избран во друго, туку само за обвинители кои нема да бидат избрани повторно за шефови а доаѓаат од самото обвинителство, сепак и натаму „владината коалиција ВМРО И ДУИ“ која успешно функционира договорила да се спаси Марко Зврлевски и натаму да остане на висока позиција.

Од истите извори во Советот, Сведок дознава дека ДУИ дала согласност, а наводно со тоа се согласил и младиот министер за правда, а цената за поддршката на Зврлевски, ДУИ ја уцениле со преквалификација на убиство во Куманово, каде што е замешан локалниот лидер на интегративците, па тој предмет треба да заврши со „убиство на миг“ и на тој начин да се спаси од одговорност партискиот кадар од Куманово.

За овој случај се води постапка во Куманово, а за квалификацијата и детали за случајот обвинителот од Куманово бил повикан да реферира во Вишото обвинителство во Скопје. По реферирањето бил заземен став дека се работи за убиство во кое не можат да се најдат олеснителни елементи, како непресметливост или миг.

Но, по притисок на ДУИ, Марко Зврлевски побарал повторно да се реферира предметот, но се соочил со отпор од скопските обвинители, кои му ја прочитале намерата за ослободување на убиецот и одбиле повторно да дадат мислење.
Ова, како што тврдат нашите извори многу го разлутело Зврлевски, кој го зел предметот и се заканил дека сам ќе одлучи со која квалификација да се оди.

Овој предмет, според информациите на Сведок, бил визата „за будуќност“ на Зврлевски во ДУИ.

На тој начин, Советот оваа недела би избрал и в.д. Републички обвинител кој би бил до избор на нов. Советот на тој начин, би излегол и херој, бидејќи и дава простор на новата Влада да предложи обвинител веднаш без да бара разрешување на Зврлевски и да му пишува причини за разрешување.

Но, според планот на ВМРО И ДУИ, Советот на јавни обвинители нема да застане само на згрижување на Марко Зврлевски, туку ќе ги пополни најмалку 4-те празни места во Вишото обвинителство во Скопје, најмалку едно место во републичкото, ќе избира в.д. шефови на скопското на местото на Гордана Ѓешкоска, в.д. Виш обвинител во Скопје откако сегашниот поради една афера побарал да биде вратен како заменик во Тетово.

Ќе се пополнеле и местата на обвинители во обвинителството за организиран криминал.

За овие позиции веќе се избрале и луѓе, па така, Гордана Ѓешкоска која ќе застане како заменик во Републичко обвинителство ќе ја замени Јове Цветановски како в.д, а на чело на Вишото обвинителство, на местото на сегашниот „љубовџија“ ќе биде поставен за в.д. еден од обвинителите Албанци, донеодамнешен член на Советот на јавни обвинители.

Операцијата „спасувај глава“ Советот на јавни обвинители добил налог да ја реализира во текот на оваа недела, пред да се формира Влада.
Новата Влада и да избере нов обвинител, со пополнети позиции во скопското обвинителство, во вишото или во организиран криминал може само да се „слика“, бидејќи тешко дека ќе има простор за работа.

Извор: СВЕДОК

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e