Според анкетата на НДИ, коалицијата СДСМ и Беса има предност од 3,6% пред коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ

Новата анкета за испитување на јавното мислење во Северна Македонија на Националниот демократски институт (НДИ) спроведена пред официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори на 15 јули покажува дека владејачката коалиција на СДСМ и Движењето Беса има минимална предност од 3,6 проценти пред коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
anketa

На прашањето „Доколку парламентарните избори се одржуваат денес, за која партија би гласале?“, 24,8 отсто од испитаниците на анкетата спроведена меѓу 12 и 21 јуни, одговориле дека ќе гласаат за коалицијата на СДСМ и Движењето Беса, додека 21,2 отсто од нив се изјасниле дека ќе ја поддржат коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Поддршката на ДУИ на спроведената анкета е 7,2 отсто, додека коалицијата на Алијансата на Албанците и Алтернатива добила поддршка од 5,7 отсто од испитаниците.

На прашањето „Колку е веројатно дека ќе гласате на парламентарните избори во јули 2020?“, 40 отсто од анкетираните граѓани рекле дека дефинитивно ќе гласаат, 29 отсто веројатно ќе гласаат, додека 10 отсто се изјасниле дека веројатно нема да гласаат, а 13 отсто дефинитивно нема да гласаат на изборите. Два проценти од испитаниците одбиле да одговорат, додека 6 отсто не знаеле како да одговорат на ова прашање.

Скоро половина, или 46% од анкетираните граѓани изразуваат загриженост во врска со здравствените мерки за заштита, но за голем дел нив оваа загриженост е намалена поради најавените протоколи на Министерството за здравство. Повеќе од половината, пак, или 56 отсто од испитаниците одговориле дека се многу или донекаде загрижени за тоа дека ковид-19 или дезинформациите во врска со изборите можат негативно да влијаат на изборниот процес.

Чувството на јавноста е стабилно во однос на Преспанскиот договор од 2018 година, при што 58 отсто го поддржуваат или веруваат дека бил потребен. Една третина е против договорот. Големо мнозинство, речиси 75 отсто, го одобрува членството во НАТО и влезот во Европската Унија.

НДИ ја спроведе анкетата на јавното мислење на терен, преку интервјуа лице в лице, од 12-21 јуни на национален репрезентативен примерок од 1.213 испитаници кои имаат над 18 години.

Истражувањето и анализата беа спроведени од страна на Тим институт и Starr Opinion Research во име на НДИ. Податоците од анкетата не го предвидуваат изборниот резултат.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e