Северна Македонија лидер во регионот во користењето на дигиталната дипломатија, твитер налогот на МНР со највисоко признание

Дигиталната дипломатија во регионот во пракса најдобро ја користат институциите на Северна Македонија, кои највисоко се рангирани и добија најмногу поени во анализата „Дигитална дипломатија во регионот 2020“.

Во најновата анализа на Дигитална дипломатија, изработена за периодот 2017-2019 година, покрај методите, кои се користени во претходната анализа, односно покрај утврдување на кванитативните податоци за бројот на различните канали на социјалните мрежи, бројот на следбеници и бројот на население и нивниот сооднос користени се и одредени квалитативни параметри.

Најмногу поени во рангирањето по сите критериуми, односно 7,2 освои Северна Македонија, чии институции, како што се наведува во анализата, вложиле значителен труд и имаат добро осмислена стратегија, со што јасно покажале дека и во регионалните рамки дигиталната дипломатија може да се практикува по речиси светски стандари.

По нас е Хрватска со седум поени, која била шампион во претходната анализа од 2017. Словенија има 6,8 поени, Косово 6,6 поени, Србија и Црна Гора имаат по 6,2 поени, а Босна и Херцеговина четири поени.

Твитер налогот на Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, во мандатот на Никола Димитров доби признание за најдобро воден регионален налог за дигитална дипломатија во набљудуваниот период.

Во најновата анализа меѓудругото направена е и оценка на веб сајтовите на министерствата за надворешни работи, комуникациите на официјалните канали, како и дипломатијата во потесна смисла, односно дипломатското однесување и дипломатската комуникација на наведените канали.

Со анализата се опфатени Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Перископ, Линкедин, Снепчет и Јутјуб.  Тик Ток претставува светски хит меѓу светските лидери и меѓународните организации и голем број од нив отворија налози на оваа нова платформа, но регионалните се уште не ја „откриле“.

Анализирани се неколку институции: претседател, Влада, Министерството за надворешни работи, а од функциите се опфатени претседател на држава, премиер, министер за надворешни работи, како и истакнати поединци кои практивуваат дигитална дипломатија.

Предмет на анализа биле и следбениците на т.н. лажни налози, меѓусебите следења на претседателите на државите во регионот, а доделени се и дигитални признанија за придонес во дигиталната дипломатија.

Забележан е раст во однос на вкупниот број следбеници, во однсо на претходната анализа во 2017 година. Тогаш сите анализирани земји имале вкупно два милиона 238 илјади 814 следбеници на сите официјални налози, а во оваа анализа сите држави имале вкупно околу четири милиони и триста илјади следбеници.

Прв критериум по кој е направена оценката е уделот на бројот на следбениците на официјалните налози при што косовските институции имаат коефициент 1,47 (на еден следбеник доаѓа 1,47 жители), Хрватска има 2,56, Северна Македонија со 4,34, Црна Гора со 4,86, Словенија со 5,21, Србија со 10,38 и Босна и Херцеговина 59,10.

Втор критериум за оценка бил спектарот на различните социјални мрежи, кои ги користат официјалните налози, при што Словенија има налози на седум различни социјални мрежи и платформи, Хрватска на шест, Црна Гора и Србија на по пет, Косово и Северна Македонија на четири, Босна и Херцеговина на три. Интересно е што Словенците се единствени кои користат Снепчет за комуникација во дигиталната дипломатија.

Следуваат три критериуми кои се рангирани по субјективна проценка и анализа на содржината, од кои првиот е дипломатско однесување, односно користење на налозите и презентација на веб страници за дигитална дипломатија во потесна смисла (предност е дадена на различностите, помирувањето, подобра регионална соработка и поврзување, помирлив и дипломатски наратив, комуницирање на друг јазик освен мајчиниот и слично).

Во таа смисла институциите на Северна Македонија ги користеле социјалните медиуми и своите налози на нив во согласност со најдобрата дипломатска пракса. Со вешта дипломатска комуникација и дипломатски активности, нашите институции имаат највисока оценка од сите рангирани земји, додека институциите на БиХ се на дното на листата, со оглед на тоа што освен поединечни случаи не е забележан сериозен пристап на оваа тематика.

Рангирани се и вештините на комуникацијата на социјалните мрежи, со вршење на увид во квалитетот на содржината, која се поставува, но и нејзиниот севкупен дострел. Во тој поглед, се вели во анализата, уште еден школски пример на комуницирање претставуваат официјалните налози на Северна Македонија, особено во мандатот на поранешниот премиер Зоран Заев, а посебно се истакнати и налозите на Министерството за надворешни работи и на шефот на дипломатијата Никола Димитров.

– Пораките се креирани така што јасно ги прикажуваат реалните случувања, нема здодевни фотографии на ракување при официјалните приеми, нема соопштенија во стилот на официјални гласила, туку на прв поглед се гледа присуство на јасна стратегија на комуникација. Професионално и не само за регионалните рамки, одлично практикување на дигиталната дипломатија е забележано во случајот со Северна Македонија, се потенцира во анализата.

Последниот критериум е оценка на веб страниците на министерствата за надворешни работи. Поединечни држави во светот воведоа можност по пат на сајтот да се врши конктактирање со матичната држава, да се аплицира за повторна изработка на загубен пасош или друг вид на привремен документ, а освен редовните соопштенија на сајтовите постои и можност за комуникација за кризните ситуации. Освен дизајнот мошне е важно сајтот да биде прегледен, се вели во анализата, респонсивен  и да нуди доволно информации, како на мајчиниот, така и на барем еден од светските јазици. По осум поени за сајтовите на министерствата за надворешни работи добија Северна Македонија, Хрватска, Словенија и Косово, додека за останатите земји е заклучено дека мораат посериозно да се посветат на ова прашање.

Дигитална дипломатија е израз кој се појавува некаде околу 2012 година, а  развиените земји како САД, Русија, Индија, Израел и Франција поминаа долг пат од тактички обиди и аматерски пристап до професионално осмислување на дигиталната содржина на интернет и на социјалните медиуми, со кои се таргетираат целни групи на странската јавност во корист на остварување на сопствените државни, односно стратешки цели.  Дигиталната дипломатија претставува дигитално отелотворување на меката моќ, односно дигитално презентирање на јавните политики и дипломатијата генерално. Суштината на дипломатијата е комуникација, без разлика дали се работи за соопштување на порака или за нејзиниот прием, а во суштината на социјалните мрежи и дигиталната дипломатија се двете страни на паричката.

– Со зголемен број корисници на Интернет и посебно паметните телефони, расте и бројот на корисниците на различни социјални мрежи. Со самото тоа претставниците на државите, невладините или меѓународните организации не можат да го негираат големото влијание кое социјалните мрежи го имаат во креирањето на сликата во сопствената држава и во странство. Тоа е една од причините поради кои мора подобро да работат на користење на нивниот потенцијал во смисла на практикување на дигиталната дипломатија, се заклучува во анализата „Дигитална дипломатија 2020“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e