Ременски: Работиме на поголема видливост на прашањето на родова еднаквост и реално решавање на проблемите

Интегрален текст од обраќањето на министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски на Тркалезна маса за родово-релевантните мерки и буџети на локално ниво, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на жените од руралните средини
Боговиње, 26.10.2016 год.

 

Почитувани,

Дозволете ми најнапред да ве поздравам и да се заблагодарам на поканата да учествувам на овој значаен настан со кој се одбележува денот на жените од руралните средини, иако со задоцнување но сепак, настанот и нашето присуство овде покажува дека унапредувањето на положбата на руралните жени за нас преставува приоритет на кој во иднина неопходно е да се посвети поголемо внимание. Затоа најнапред дозволете ми во име на Минисертсвото за труд и социјална политика и во мое лично име да го честитам и да нагласам дека, потребни се повеќе вакви средби и настани кои ќе помогнат пред се во зајакнување на соработката со ресорните министерства кои треба координирано да работат на оваа значајно прашање, како и поголемо вклучување на локалните институции кои треба да ги земат во предвид потребите на жените и да ги вклучат во планирањето и спроведувањето на локалните политики. Истовремено тоа ќе биде и основа за планирање и креирање на локални буџети кои ќе помогнат за поголема активност на жените но и ќе придоонесат за поголем развој и благосостојба во една општина.

Почитувани,

Ќе наведам само неколку аргументи зошто ни е потребно да се зајакнат и капацитетите на жените од руралните средини, особено на жените од етничките заедници.

Пазарот на трудот во нашата земја, но и пошироко, се соочува со голем предизвик на невработеност и тоа со висока стапка на невработени млади лица, невработени лица од руралните средини и припадници на етничките заедници, особено со состојбата на исклучителна неактивност на жените од етничките заедници.

Затоа политиките и законската регулатива во областа на анти-дискриминацијата и еднаквите можности се исклучително важни, но не секогаш и доволни за да се овозможи зголемување на способноста за вработување и полесен пристап до пазарот на трудот на жените од руралните средини, како и да се овозможи полесен и подобар пристап до образование и обука, и создавање на лични капацитети и способности за поголема конкуретност на пазарот на труд.

Досега имплементираните проекти во областа на еднакви можности антидискриминацијата, човековите права, но и тековните проекти меѓу кои сакам да го споменам директниот грант „Поддршка за вработување на млади лица, долгорочно невработени и жени“ , како и предвидената грантова шема „Интеграција за жените од етничките заедници на пазарот на труд“ допринесуваат кон зајакнување на институционалните капацитети, зајакнување на капацитетите за вработување, создавање инклузивен пазар на труд, со цел подобра подготвеност на нашата земја во исполнување на целите од Европската стратегија за вработување и социјална инклузија. Но сепак овие проекти не се доволни, особено што истите не се подолгорочни и не ги даваат очекуваните резултати. Потребна е долгорочна одржлива стратегија која ќе ги има во предвид сите аспекти на состојбата во која се наоѓаат руралните жени.

Затоа вакви активности а особено од аспект на земање на предвид на родовата перспектива, вклучување на истата во локалните буџети и нејзино препознавање како активност и политика која ќе доведе до благосостојба на сите граѓани, се неопходни, и затоа примерот на Боговиње треба да го следат и останатите општини.

Овој проект кој што ќе се продолжи треба да помогне во подобрување на капацитети во спроведување и примена на политиките за креирање на нови работни места и социјална инклузија, како и развивање на ефективна соработка врз база на партнерство на релевантните институции и организации од нашето општество во насока на интеграција на жените од руралните средини на пазарот на труд вклучувајќи ги и жените од различни етнички заедници.

Тука ќе ја нагласам и потребата дека предвидените цели и очекуваните резултати од овој проект се дел и од Стратегијата за родово одговорно буџетирање од 2013-2017 год. и истата ефективно ќе биде спроведена само доколку се практикува партиципативен пристап од страна на сите засегнати страни, организации и релевантни партнери.

Исто така направените промени во буџетскиот циркулар за изработка на родово буџетска анализа и измените во Законот за еднакви можности на жените и мажите кои бараат од сите министерства и локалната самоуправа искрена посветеност кон прашањето на родовата еднаквост треба да допринесат кон реални податоци за состојбата со родовата еднаквост и преземање на активности за унапредување на истата.

Почитувани ,

Свесни сме дека треба многу време за родовото буџетирање да стане реалност и да се видат видливи резултати и промени во животот на луѓето но корисноста на самата алатка, изминативе неколку години ја покажа нејзината неопходност.
Република Македонија ќе продолжи да работи на ова поле а како следна активност ќе биде и евалуацијата на Стратегијата за родово одговорно буџетирање со што ќе се идентификуваат следните цели и чекори.

На самиот крај во оваа прилика сакам да ги поздравам и иницијативите на невладините организации кои се активни на овој план, а кои се и наши партнери во многу активности. Поддршката на Министерството за труд и социјална политика кон активностите на невладиниот сектор во иднина ќе биде уште посилна, заеднички ќе допринесеме кон поголема видливост на прашањето на родова еднаквост и кон реално решавање на проблемите.

Посебна благодарност во оваа прилика сакам да им изразам и на канцеларијата на телото за родова еднаквост во Република Македонија кој што во континуитет ги поддржуваат напорите на Република Македонија во унапредувањето на статусот на жените и воспоставување на еднакви можности за сите граѓани.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e