Никола Димитров на 10 годишнината од формирањето на Европскиот фонд за Балканот во Белград

Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, во Белград, соседна Србија се обрати на конференцијата организирана по повод 10 годишнината од основањето на организацијата – Европски фонд за Балканот, посветена на промовирање на европското интегрирање на Регионот, како и на поддршка на неговиот демократски развој во духот на европските вредности.

Во продолжение дел од обраќањето на МНР Димитров:

“Денес прославуваме 10 години од основањето на Европскиот фонд за Балканот. Прилика која претставува одлична можност да се запрашаме дали денес сме поблиску до портите на ЕУ споредбено со 2008 година. Можеби уште поважно, како да ги донесеме европските вредности дома, да ги направиме нашите земји подемократски и попросперитетни? Бидејќи тоа е прашањето што нè обединува сите – и мене како Министер за надворешни работи на Република Македонија; и вредните и исклучително креативни луѓе кои работат во оваа организација. И сите млади луѓе алумни на ЕФБ, чија енергија и посветеност треба мудро да ја ставиме во функција на нашата заедничка регионална цел. Со надеж дека следниот јубилеј ќе го славиме сите заедно внатре во дневниот салон на ЕУ.”

За време на конференцијата, Димитров оствари повеќе средби и разговори, како со Флориан Бибер, директор на Центарот за југоисточни европски студии при Универзитетот во Грац, со Кристоф Бендер, претседател на реномораниот тинк тенк-Иницијативата за европска стабилност, како и со директорката на ЕФБ, Хедвиг Морваи и други реномирани учесници од различни фели.

Во фокус на разговорите беа претстојниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на земјите од Регионот, како и за идните чекори во рамки на евро-интегративните процеси.

Во рамки на работниот престој, министерот Димитров даде интервју за српската ТВ Н1.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ