На чекор до најмоќната воено-политичка алијанса?!

 

До НАТО Алијансата нè  делат само уште неколку ситни чекори. Откако стивна празничната атмосфера, во текот на изминатиот ден, стигнаа повеќе потврди дека се бројат деновите кога македонското знаме и официјално ќе се вее пред седиштето на НАТО во Брисел.

Од полноправното членство во НАТО земјата ја дели само една ратификација и тоа од Шпанија кон која сме сè  поблиску, со оглед дека за десет месеци Протоколот за пристапување е ратификуван од 28 од вкупно 29 членки.

Советникот на премиерот за надворешна политика и иден амбасадор во НАТО, Дане Талески е сигурен дека по изборот на новата влада на Шпанија, ратификацијата на Вашингтонскиот договор ќе ја заврши Собранието во овој формат пред да се распушти и пред да се одржат изборите закажани за 12. Април земјава ќе стане полноправна членка на НАТО.

Талески потсети дека ние во последнава година веќе учествуваме во Алијансата на рамна основа во сите формати, а тоа се виде, додава, на состанокот на лидерите во Лондон каде премиерот Заев седеше на иста маса со Трамп, Меркел и Макрон и сите останати лидери на земјите членки на НАТО, а знамето се вееше високо на јарболот, во ред со знамињата на сите земји членки.

Претседателот на Собранието Талат Џафери вели дека до 12 февруари ќе се ратификува Протоколот за членство во НАТО бидејќи по формирањето на Владата во Шпанија сега кај нас е многу полесна и појасна процедурата.

„Во овој момент нема потреба да се брза со предвремена ратификација. Владиниот предлог е во собраниска процедура и нема индиции дека е неопходно предвреме да се постапува, изјави вчера Џафери.

Според него, сите парламентарните партии се подготвени да дадат зелено светло.

Парламентот на Шпанија му даде поддршка на лидерот на социјалистите Педро Санчез за формирање на коалициска влада, со што се става крај на речиси едногодишната политичка криза во четвртата по големина економија во еврозоната.Тоа ќе го отвори патот за ратификација на протоколот за членство во НАТО со што нашата држава ќе стане 30-та членка на Алијансата, едногласно велат повеќето повикани на темата.

Потпаролот на СДСМ Костадин Костадинов вчера уште еднаш потсети дека нашето членство е техничко прашање.

„Реализирана е, заедно на СДСМ со коалицијата, стратешката цел на државата, а тоа е интеграцијата во НАТО Алијансата. Јас очекувам дека многу брзо ќе дојде моментот да го ратификуваме договорот и во Собранието во Република Северна Македонија. Од таа причина очекувам и повикувам на одговорност на сите политички чинители, внатре во Собранието“, рече Костадинов.

Кога ратификацијата за Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО ќе влезе во Собрание, треба да добие поддршка од пратениците, и од мнозинството и од опозицијата.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ иако ја поддржува ратификацијата на Протоколот, продолжува да се противи на усвојувањето на Законот за одбрана кој е дел од подготвителната фаза за членство на нашата држава во НАТО. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски изјави дека нема причини зошто да се менува нивниот претходен став, дека нема да гласаат за измена на законот за одбрана, бидејќи истиот предвидува промена на името на Армијата, во Армија на Северна Македонија.

Останува претстојниот период да покаже колку сите субјекти на македонската политичка сцена се подготвени да ги демонстрираат своите капацитети во името на просперитетната иднина на земјава која пролетва ќе се соочи со нови избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e