Зимските центри во Македонија имаат потенцијали, но тие речиси и да не се користат. Промени се можни, но за да се случат, освен промоција треба сериозни инвестиции и многу работа.
Зимските центри во Македонија и сезонава ја загубија битката со регионалната конкуренција. Попова Шапка, Маврово, Пелистер зјаат речиси празни, наспроти метежот и навалицата во Банско, Боровец, Копаоник. Домашните ски центри некогаш важеа за главни прибежишта за вљубениците во зимскиот туризам, но веќе одамна се сведени на дестинации главно за дневна или викенд посета. Но затоа оние во соседството буквално растураат. Од година во година се бара место повеќе:
„За Македонија не продаваме аранжмани, но за Бугарија и Србија интересот е се` поголем. Ако до пред 5, 6 години се доаѓаше до место без проблеми, сега главно се оди на рана резервација и се е преполно. Интересно е што цените растат, а попустите за рана резервација се намалуваат. Затоа сите навреме резервираат за да не останат без место во шпиц сезоната“, вели Кристина Спасиќ, туристички работник.
Во домашните зимски центри не само што опаѓа прометот, туку се регистрира и намалување на сместувачките капацитети. Клучниот проблем според експертите е во погрешниот пристап и отсуството на конкретни инвестиции, посебно во делот на инфраструктурата:
Концесионери – единствениот излез?
Не само кај Кожуф. Колкав е цехот поради досегашните погрешни политики и аматерскиот пристап покажува примерот и со Попова Шапка. Овој најстар ски центар во Македонија кој е во надлежност на државната „ЕЛЕМ Турс“ требаше да прерасне во главен зимски центар, не само во Македонија туку и пошироко. Но помпезно најавуваниот проект досега проголта дури 15 милиони евра а не донесе никакви промени:
Иницијативата бара од Владата да и го одземе правото на „ЕЛЕМ Турс“ да менаџира со ски центарот и да распише јавен повик за инвеститори кои имаат искуство во развој и менаџирање на ваков вид центри:
„Ова е единствениот излез. Ако треба да им се даде на концесионери и за едно евро но со обврска да инвестираат 200 милиони евра. Местото е наше, никој што ќе инвестира нема да го однесе на пример во Германија, или во Австрија. Новото раководство во Елем Турс дава некој оптимизам и надеж за разлика од претходното кое уништи се`. Но тоа не е доволно“, реагира Сулејмани.
Кајмакот го собираат соседните земји
За позначајни промени сезонава е доцна. Ски центарот почна со работа со старата опрема и со мали, главно козметички промени:
„Она што успеавме да направиме е да го исчистиме отпадот, ги означивме стазите, поставивме информативни табли. Околу поставувањето на жичницата потребни се уште одредени дозволи од министерството за животна средина. Свесни сме дека инфраструктурно сме назад од останатите ски центри во регионот и не можеме да се носиме со нив. Треба многу работа, посебна национална стратегија, но ние како „ЕЛЕМ Турс” не сме во можност да носиме такви одлуки. Тоа е во рацете на Владата. Дали ќе биде некоја концесија или инвестиција во ски центарот ќе мора да се прави резиме но по оваа сезона. Но јас сум задоволен и од она што го постигнавме за овој краток период и веќе се чувствува задоволство кај гостите“, коментира Никола Каровски управител на „ЕЛЕМ Турс“.
Доцнат инвестициите, но доцни и долго најавуваната стратегија која треба да донесе и насоки за промени во оваа дејност. Документот го изработуваа австриски експерти требаше да се усвои уште пред две години:
„Таа требаше да се прифати уште во 2016 но политичките случувања ја одложија и еве ја сега на дневен ред на прифаќање. Но клучниот проблем е што во стратегијата нема никакви мерки и активности во поглед на дефинирањето на оваа област, туку таа е повеќе од организациска природа и воопшто не третира проблеми од типот на пристапност, квалитет, бенефиции, субвенции како мерки во туристичката политика. Ние како стручна и научна фела имаме серија забелешки, а исто така и стопанската комора. Дополнително што во нејзината подготовка не бевме инволвирани ниту консултирани, туку само информирани“, реагира професорот Маринковски.
И додека државата крои стратегии и прави проекти, а малите капацитети прават мали чекори за да ги подобрат условите, зимските центри од соседството го собираат кајмакот. Во вакви услови не чудат ниту податоците од типот дека дури 80% од граѓаните преферираат да зимуваат надвор од Македонија, што во минатото не беше случај.
Извор: Дојче веле