Кривична за директор на „Тутунски комбинат Прилеп“, предизвикал штета од 16 милиони денари

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп информира дека до Основнотo јавно обвинителство Прилеп е поднесена кривична пријава против А.Д. (48) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“, казниво по член 353 став 1 и став 3 од Кривичниот Законик на Република Македонија.

„Во текот на 2013 и 2014 година пријавениот, во својство на генерален директор на АД „Тутунски комбинат Прилеп“, договорил набавка на 110.160 килограми тутун од индиско потекло и наредил нејзина исплата преку фирмата „Универзал – лиф тобако компани“ без да биде донесена одлука од страна на одборот на директори и без склучување на договор за набавка со добавувачот. И покрај тоа што пред приемот на тутунот, со дегустација на испратените мостри од соодветни лица имало забелешка дека тутунот отстапува од тежината и влагата, од страна на пријавениот понудата била прифатена. При пристигнување на тутунот била сочинета приемница, а во текот на 2014 година било извршено плаќање кон добавувачот во вкупен износ од 15.926.209 денари“, се вели во соопштението од Министерството за внатрешни работи.

МВР информира и дека при извршената ревизија од страна на секторот за внатрешна ревизија за постапката за набавка на тутунот со индиско потекло и ревизија за продажба на режан тутун во 2012, 2013, и 2014 година биле констатирани поголем број забелешки околу набавката на 110.160 килограми тутун во текот на 2013 година, кој се наоѓал во магацините и не бил искористен при извозот на режан тутун за Албанија. Неискористувањето на предметниот тутун предизвикало поскапување заради негово одржување и пропаѓање поради губење на квалитет со што била предизвикана штета на Комбинатот. Со овие дејствија пријавениот предизвикал материјална штета од 15.926.209 ден.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e