Јанакиески прифати доживотен затвор – Еве под кој услов!

Притворот ми е одреден врз основа на фингирана службена белешка од МВР која му е подметната на СЈО, а потоа и на советот во Кривичниот суд, тврди поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески кој денеска пред Апелациониот суд побара укинување на мерката притвор.

Тој пред судиите од второстепениот суд и во преполната судница посочуваше зошто е убеден дека белешката е фингирана наведувајќи неколку како што ги кажа, нелогичноси и фингирани аргументи.

Во белешката пишува дека тој преку посредник барал од претседателот Ѓорѓе Иванов да донесе амнестија зашто тоа му е единствен спас. Во спротивно му преостанува само да избега, што би му било олеснето бидејќи има сметки во странство.

– Белешката е направена истиот ден кога се дознава за бегството на Никола Груевски.

Не е наведено во кои денови каде и во колку часот биле остварени средби меѓу мене и тој посредик. Ниту е наведено за средбата помеѓу претседателот и посредникот – рече Јанакиески.

Друга нелогичност која ја истакна тој е тоа зошто би барал средба преку посредник кога тој со Иванов се познава подолго од 10 години, уште од времето кога беше професор.

Додека бил министер, рече Јанакиески, во повеќе наврати членувал во делегациите на Иванов за промовирање на бизнис климата, активно бил вклучен во двете негови кампањи за претседателски избори, а Иванов дури му бил и на свадбата.

Јанакиески зборуваше и за сметките во странство кои се споменуваат во службената белешка.

– Како СЈО само во еден ден поверувале дека Миле Јанакиески има сметки во странство. Не е наведено кога е отворена, каде, во која земја, колку пари има… ништо не е наведено. Повеќе од 1 год и 4 месеци немам пасош. Како сум можел да отворам сметка и да ја менаџирам. Ако постои една сметка, не повеќе, спремен сум да склучам спогодба на околку години колку што ќе каже СЈО. Само нека докажат и утре ќе склучам спогодба ако треба и на доживотен затвор – порача Јанакиески.

На крај, рече Јанакиески, не сака да поверува дека третата околност наведена во решението за притвор – бегството на Никола Груевски, е единствена поради која му е определен притвор.

– На 12 ноември по сознанието дека е во бегство владини функционери и од СЈО јавно говореа за тоа дека повеќе поранешни функционери треба да добијат притвор. Не треба да бидам казнет и жртвуван за неговите постапки – рече Јанакиески.

Тој побара од советот во Апелација да му го укинат притворот бидејќи и до сега ги почитувал мерките на претпазливост, исто им се обрати и на претставниците на СЈО ако постои можност да го повлечат барањето за притвор.

– Доволно е што Миле Јанакиески е првата и најголемата жртва на прислушувањето.

Не само мојот туку и телефонот на мојата сопруга е прислушуван. Не дозволувајте во 21 век да има политички затвореници- рече Јанакиески.

Извор: Независен

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e