Хелсиншки комитет со реакција на отвореното писмо од јавни обвинители до СЈО

Во текот на вчерашниот ден, (анонимни) јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје упатија отворено писмо до специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.  Имајќи предвид дека писмото не е потпишано ниту од овластено лице во ОЈО Скопје, ниту од здружение на јавни обвинители, непознато е кој го составил и кој стои зад изнесените наводи за „срамна непрофесионалност, нарушување на угледот на обвинителската професија, непочитување на етичкиот кодекс на јавните обвинители, создавање клима на непочитување на законите, прекршување на принципот на пресумпција на невиност, водење на политичка кампања“ итн.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека непостапувањето на редовното обвинителство беше главна причина за основање на Специјалното јавно обвинителство. Доколку редовното обвинителство беше професионално, уживаше углед во јавноста, го почитуваше својот кодекс и имаше создадено клима на почитување на законите, немаше да се наметне потребата од основање на СЈО. Што се однесува до принципот на пресумпција на невиност, за волја на вистината, иако обвинителството има законска обврска јавно да го штити овој принцип (Член 8, став 3 од Законот за ЈО), тоа никогаш не се обратило до јавноста и покрај флагрантно кршење на овој принцип од страна на политички функционери и медиумите.

Хелсиншкиот комитет потсетува дека редовното јавно обвинителство е еден од најкритикуваните сегменти на македонското правосудство. Негативните оценки за неговата работа можат да се прочитаат во сите извештаи на меѓународни институции и организации што ја следат состојбата во правосудството, вклучително и во голем број на документи на Обединетите нации и Европската унија. Овие критики се однесуваат на „селективната пасивност“ што „предизвикува загриженост за независноста“ на Јавното обвинителство, особено поради непостапувањето во предмети со „висок степен на политичка корупција“.[1]

Наместо недоветно и непрофесионално споделување на наводи и упатување на критики кон СЈО, го повикуваме Јавното обвинителство конечно да ја започне борбата против корупцијата и организираниот криминал бидејќи само на тој начин ќе може да докаже дека ја остварува својата функција и придонесува кон реформите во правосудството како основни предуслови за владеење на правото, заштита на правата и интересите на граѓаните и напредок во Евро-атлантските интеграции на државата. Можеме да заклучиме дека се работи за нова епизода од кампањата против СЈО, бидејќи не е нормално да постои судир на две обвинителства на политичка основа, како што не е нормално на едно обвинителство отворено да му се спротивстават и основен суд и структури во МВР.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e