Еве кој прв ќе бара амнестија!

Горан Ангелов Ќосето меѓу првите ќе поднесе барање за амнестија за настаните од 27-ми април. Истото ќе го стори и обвинетиот Иван Цветановски. Нивниот адвокат изјави дека сакаат да ја прифатат понудата за помирување.

Дел од обвинетите, како Јане Ченто и Игор Југ, веќе се изјаснија дека нема да поднесат барања за амнестија, а Александар Василевски-Нинџа и Душко Лазаров, се уште молчат. Нивниот адвокат не знае дали неговите клиенти ќе поднесат барања, а не е ниту сигурен дали законот ги опфаќа, од причина што е полн со нејаснотии и не нуди правни одговори.

Давидовиќ вели и дека не е сигурно ниту кој на крај ќе одлучува по барањата за амнестија. Во законот стои дека за тоа е надлежен судот што донел правосилна пресуда, но пресуда нема. Мислење треба да даде и јавното обвинителство. Обвинителката Вилма Русковска веќе изјави дека не е среќна што е донесен законот, но дека ќе го почитува. Судијката Кацарска, пак, го оцени како избрзан и двосмислен, а пратеникот Зијадин Села најави дека ќе го оспори пред Уставен суд.

Законот денеска е објавен во Службен весник, откако Претседателот Ѓорѓе Иванов го потпиша. Со тоа, почна да тече и рокот од пет дена кој им е даден на обвинетите за да поднесат барање до судот, да бидат опфатени со законот. Рокот важи и викендов, што значи дека, до вторник ќе се знае точниот број на лицата кои ќе бараат амнестија.

Извор: Телма

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e