“Екоцентар 97“ за инцидентот во Охис: Во текот на ноќта, едниот вентил попуштил и дошло до истекување на вода со остатоци од Метил Акрилат Мономер

Скопската компанија “Екоцентар 97” која беше избрана како најповолен понудувач на тендерот “Изведување на услугата за отстранување, дислоцирање, уништување или неутрализирање на хемиски материи од локации и производни погони во кругот на АД ОХИС – во стечај” преку соопштение вели дека почнувајќи од јуни, а заклучно со август, 2019 година, сите отпадни опасни хемикалии биле безбедно преточени, препакувани во нова АДР амбалажа и складирани во специјален магацин во кој е инсталиран систем за ладење и одржување на температура.

Во врска со инцидентот на 7-ми месецов цистерната во која што претходно бил складиран Метил Акрилат Мономер е наполнета со вода со цел да се испере и да се отстранат остатоци од хемикалиите и истата да стане неопасен отпад. При полнењето на цистерната не е забележано течење или неисправност. Во текот на ноќта, едниот вентил попуштил и дошло до истекување на вода со остатоци од Метил Акрилат Мономер во безбедносни бетонски базени – танквани. Водата се задржала во самите базени и нема истекување во почвата и подземните води. – се наведува во нивното соопштение.

Веднаш по пријавување на инцидентот, согласно процедурите, водата е собрана во АДР буриња и истата е подготвена за транспорт и согорување, велат од компанијата.

За времетраење на целата постапка на преточување на хемикалиите, од страна на Државниот инспекторат за животна средина на терен беа присутни Инспектори кои вршеа увид и за истото е изготвен Записник. Беше утврдено дека хемикалиите се преточени во соодветни АДР буриња и истите се складирани во магацин каде што постојано се следи температурата и се мерат гасови – за што се води извештај на дневна основа. За магацинот, “Екоцентар 97“ обезбеди дополнително разладување – во случај на премногу високи температури, истиот да се одржува ладен. АДР бурињата се подготвени за утовар и извоз во инсенератор (согорувач) во Швајцарија, каде ќе бидат уништени, сѐ според Базелската Конвенција. – се вели во соопштението од компанијата.

Од „Екоцентар 97“ нагласуваат дека магацинот во кој се складирани хемикалиите е под постојан надзор.

Се очекуваат резултатите од направените мерења, по што ќе се пристапи согласно законските прописи.

Од страна на компанијата “Екоцентар 97“ велат дека континуирано се следи ситуацијата, директно на терен. Од расположливите информации, досега нема пријавено граѓани кај кои се увидени здравствени проблеми причинети од настанатата ситуација.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e