Димовски: Доколку се смени власта и се промени претседателот на Кривичен, судските процеси ќе пропаднат

Новинарот Саше Димовски на дебатна емисија Топ Тема изјави дека очекувал апелацискиот суд порано да ја пушти Катица Јанева, со оглед на тоа како до сега функцинирал второстепениот суд во Македонија.

-Изненаден сум од спороста на Aпелацискиот суд, очекував уште првиот месец тоа да се случи. Апелациски докажа дека безразлика каков криминал ќе направите, може да завршите во куќен притвор. Тоа е разочарувачки. Ваква одлука ќе значи отпочеток одолговлекување, одење по лекари и други начини, вели Димовски.

Тој вели дека Апелацискиот суд требало да остави на судечкиот совет од Кривичниот суд кој ќе го води предметот против Јанева, да одлучи дали таа треба да оди во домашен притвор, откако јавноста ќе ја види во судница.
Исто така, како што вели Димовски, одлуката на судот е спорна од уште една причина, а тоа е дека барањето за пуштање во домашен притвор е со иста гаранција како од претходниот пат, кој за разлика од сега тоа барање беше одбиено.

Долгогодишниот новинар вели дека Јанева со своето однесување го срушила Специјалното јавно обвинителство и разочарала многу луѓе кои излегоа на улици да бараат правда.

Димовски смета дека никогаш нема да се дознае вистината од прислушуваните разговори.

-Тие предмети, големите, ќе застарат, не може вечно да се тераат. Ние го дозволуваме тоа. Со промена на власта доволно е да се смени претседателот на Кривичен суд и да направи смени на судиите. Државата мора да има строг механизам за спречување на злоупотребите во судовите. Сега има нови судии, но тоа не значи дека ако дојде утре друг претседател на судот нема да имаме повторно други судии, вели Димовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ