Димитров за МИА: Законот за ЈО пред избори тест за сите дали фактички или само декларативно се за ЕУ

Конзистентност имаше во една од клучните пораки што вчера за време на посетата на Северна Македонија ја испрати еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји – неговата надеж и очекување законот за јавно обвинителство да се донесе во сегашниот парламентарен состав, пред изборите.

Ова во интервју за МИА го истакна шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој вчера се сретна со Вархеји, откако еврокомесарот претходно имаше средби со сите високи државни претставници во земјава, со власта и опозицијата. Димитров имал можност да присустува на три од тие средби и тој верува дека прашањето за законот за јавно обвинителство пред избори било отворено на сите состаноци.

– Мислам дека на некој начин сите политички актери, вклучувајќи ја и опозицијата и нивниот лидер Мицкоски се пред тест дали тоа што постои во сите програми – највисокиот приоритет, европската интеграција, зачленувањето во Европската Унија, го пишуваме или велиме како декларација или сме спремни да се вложиме во тоа. Ако еврокомесарот, кој очигледно е наш сојузник и работи на таа агенда да го направиме конечно овој пробив во заслужената следна фаза, ако тој вели важно е ова да се донесе во сегашниот парламентарен состав, ќе се види дали сме само декларативни во заложбите и едноставно е. Кој нема да гласа и нема да учествува во таков закон, во кој се вградените сите забелешки и сугестии на ЕК, не е чесен и искрен пред гласачите и пред граѓаните кога вели сакам ЕУ, но не сакам да го правам тоа што ЕУ сугерира дека треба да се прави за да се успее, нагласува Димитров.

Шефот на дипломатијата потенцира дека сега сме ставени на тест дали ќе може ова да го издигнеме вон изборниот контекст и во тој случај во март, како што рече, „можеби би можеле да прогласиме една заедничка победа и на владејачката партија и на опозицијата, на цел народ, на некој начин и на целото општество или ова ќе го направиме предмет на меѓупартиски препукувања”.

Тој додава дека многу брзо ќе дознаеме за тоа како ќе помине овој закон во актуелниот парламентарен состав.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e