Димитров од Софија: Можно е чудо во спорот за името

Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров од Софија порача дека е можно „чудо“ во преговорите за името со Грција и побара од ЕУ датум за почеток на преговорите, пренесува Дојче веле.

„Ќе биде чудо доколку успееме да го решиме спорот за името со Грција, но чудата се можни. А денес на сите ни се потребни чуда.“ Ова е пораката на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во пресрет на утрешниот состанок меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас во Софија, на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан.

Димитров денеска учествуваше на еден од панелите во Софија, заедно со бугарскиот и хрватскиот премиер Бојко Борисов и Андреј Пленковиќ и неговата бугарска колешка Екатерина Захариева.

„Во последниве години гледавме во погрешни векови, но денес сме тука во 2018 година. Македонија загуби генерации чекајќи да мрдне на патот. Го гледаме возот на ЕУ како минува и сакаме да го фатиме”, рече Димитров.

Според него, по позитивниот извештај од Европската комисија, Македонија со право очекува и добивање датум за почеток на преговори.

„Ќе биде трагедија доколку на Македонија не ѝ се дозволи да ги започне преговорите за пристапување кон ЕУ“, рече Димитров.

Тој порача дека Македонија заслужува признание затоа што се менува.

„Се менуваме. Го менуваме начинот на кој се води политиката, го менуваме системот, имаме поголема транспарентност.“ Промените за кои зборуваше Димитров ги раскажа преку анегдота.

„Меѓу министрите во владата има натпревар за тоа кој ќе потроши помалку. Пред две недели имавме на гости министер од една голема држава. Сите сакаа да се видат со него, но никој не сакаше да го носи на ручек”, рече шефот на македонската дипломатија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e