Димитров: Македонија со најголем напредок во однос на земјите од регионот

„Извештајот на ЕК за Македонија е многу позитивен. Македонија има добар напредок во пет, а извесен напредок во четири од девет области.“ изјави  министерот за надворешни работи Никола Димитров.

Тој потенцира дека во Извештајот има констатации дека земјата конечно ја надминала најтешката политичка криза по 2001 година, дека од мај 2017 реформската Влада го адресира прашањето на заробени институции и посветено ја зајакнува демократијата и владеењето на правото, како и дека земјата поминува низ суштински промени во една инклузивна и отворена политичка атмосфера…

– Има вкупно девет области. Македонија има добар напредок во пет од тие девет области и во четири има извесен напредок. И како таква, од овие четири, значи Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора, во однос на овој период на известување е земја што направила неспорно најголем напредок. Сигурно дека имаме политичка логика и политички ум во известувањето, меѓутоа јас сепак не би ја намалил вредноста на овие оценки бидејќи да не заборавиме денес е 17 април, не помина ни полна година од 27 април. Каде беше Македонија на тој ден, каде е Македонија денес, рече Димитров во емисијата Отворено на ТВ 24.

Ги наведе и оценките по области во извештајот за земјата.

– Имаме оценка со добар напредок во областа на јавната администрација, во вкупната област на поглавјето 23, во судството, во слободата на медиумите, каде е интересно и за Србија и за Црна Гора ЕК не констатира никаков напредок. Има и назадување што е нула, стагнација 1, извесен напредок е 3, добар напредок е 4 и извонреден напредок е 5. Македонија има пет четворки и четири тројки, рече министерот Димитров.

Шефот на дипломатијата го најави и доаѓањето на еврокомесарот Јоханес Хан доцна вечерва, кој утре на рака лично ќе го предаде Извештајот на премиерот Заев, иако, нагласи, вообичаено е тоа да го направи шефот на Европската делегација. 

Запрашан за спорот со името и членството на земјата во ЕУ, шефот на дипломатијата кажа дека колку Македонија е поочигледен кандидат, толку е потешко да биде блокирана.

– Прво, го поддржува процесот бидејќи ја продолжува шансата. Нас ни требаше и формално ваква една чиста препорака за да знаеме дека ќе има некаков резултат доколку успееме и најголемата планина да ја искачиме. Второ, на земјите-членки што не се вклучени во процесот, останатите 27 со исклучок на Грција, им даваме аргументи дека ова е добра работа и мислам дека влогот е поголем од нас, Грција и Балканот. Целата амбиција Европа да има успех оваа година со стратегијата на Јункер на Балканот е многу тешко остварлива ако немаат успех со нас. Така што, создава еден охрабрувачки ефект врз процесот за надминување на разликата околу името, рече Димитров.

За тоа ако спорот за името не биде решен до јуни и дали Македонија тогаш ќе добие датум за почеток на преговори, шефот на дипломатијата истакна дека тоа е прашање што може да го одговори само Атина бидејќи одлуката за преговорите се носи со консензус.

– Тоа ќе зависи од нивото на доверба, од политичката констелација и калкулации на лидерите во Грција. Ќе зависи веројатно и од нашето поведение, смета Димитров.

Смета дека не е невозможно да се надмине ова прашање. Ако има и малку простор да се најде решение што ќе биде достоинствено и што ќе значи почитување на идентитетските прашања за двете страни, вели Димитров, тогаш таа можност не смееме да ја пропуштиме.

Извор: Либертас

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e