Дали ќе има „зелено светло“ од ЕУ уште годинава?

Северна Македонија продолжува да ги исполнува критериумите за зачленување во ЕУ и властите покажуваат јасна проевропска ориентација. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати, иако реформскиот напредок во многу области се оценува како умерен. Еврокомисијата упати и критика за блокадата за почеток на преговори за државава. Ова клучните поенти на годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија, што вчера беше презентиран во Европскиот парламент во Стразбур за сите шест земји од Западен Балкан, заедно со Пакетот за проширување 2021.

-Северна Македонија продолжува да ги исполнува условите за отворање на преговорите за членство и властите ја демонстрираа јавно својата цврста заложба да продолжат по ЕУ патот. Земјата задржа постојан и одлучен тек во напредувањето на ЕУ реформите и ги зголеми своите напори за испорачување на опипливи резултати и натаму, стои во Извештајот за реформскиот напредок за Северна Македонија.
Во документот се наведува дека ЕУ реформите се процес на долг рок, што бара постојан ангажман од Владата и од опозицијата, како и од сите општествени чинители.
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, ги презентираше извештаите за реформскиот напредок на земјите од Западниот Балкан и Турција пред европратениците и повика итно да започнат преговорите со Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Брисел.

Како што стои и во самите извештаи на Европската комисија оваа година, еврокомесарот Вархеји пред европратениците од Комисијата за надворешни работи повтори дека одлагањето на преговорите со Северна Македонија, и со Албанија, е штетно за кредибилитетот на Европската Унија.

-Работиме одблизу за да ја деблокираме ситуацијата и да го решиме проблемот за оваа тешка тема, за сега не бевме успешни но имаме надеж, до крајот на оваа година мораме да испорачаме, не смее ова да се доведе во прашање, и на нас е да испорачаме, кога велам нас, мислам на сите земјите членки на ЕУ, мислам и на Северна Македонија која е партнер во ова, патував во двете престолнини и сѐ уште сум подготвен да помогнам, но може ова да бара поголема посветеност, изјави Вархеји во Европскиот парламент денеска.
Запрашан на што го темели оптимизмот за „зелено светло” од земјите-членки до крајот на оваа година, Вархеји рече дека е „ангажиран со двете страни, Бугарија и Северна Македонија”.

– Се сретнав со лидерите на двете земји и врз таа основа би требало да најдеме решение и да го убедиме Советот да даде зелено светло уште оваа година, рече Вархеји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e