Чулев: Од утре патролни активности на единицата за брзо распоредување на територијата на целата држава

Во вечерашното издание на “Само интервју” на Канал 5 ТВ, техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, даде појаснување за активностите на МВР во новонастанатиот контекст во државата предизвикан со пандемијата на коронавирусот и прогласената вонредна состојба во државата.

“Секој ден во 9.30 часот во Владата функционира координативниот кризен штаб којшто го предводи техничкиот премиер Оливер Спасовски и тука се присутни сите министри на којшто ги дискутираме најприоритетните работи и задачи во врска со справувањето со кризата. Потоа, на владина седница се носат заклучоци, а сега за првпат, со оглед дека е прогласена вонредна состојба, поминаа првите уредби со законска сила.” – појасни Чулев.

Во однос на преземените мерки од конкретниот ресор, Чулев наведе дел од уредбите кои денеска биле усвоени на владина седница.

“Како МВР ние поднесовме неколку уредби со законска сила коишто се веќе усвоени од страна на Владатa и ги информирам граѓаните дека се работи за продолжување на важноста на личните документи, патните исправи, возачките дозволи, личните карти.

Исто така, со посебна уредба со законска сила е суспендирано важењето на Законот за јавни собири што е нормално со оглед на прогласената вонредна состојба. Како што веќе знаете, Владата донесе одлука со заклучок на Влада да не се дозволуваат сите собирања на повеќе од пет лица на јавни места.

Донесена е уредба за продолжување на роковите поврзани со полагањето на возачките испити. Значи, сите граѓани кои имаат извадено деокументи со ограничено траење, со рокови, тие рокови се продолжуваат до траењето на вонредната состојба.

На предлог на МВР е донесена уште една уредба на седница на Влада, а таа е поврзана со зголемување на престојот на оние странски државјани коишто се затекнати на територијата на државата. Визите за престој се продолжуваат до траењето на вонредната состојба. Истото се работи и за наши граѓани коишто се затекнати во земјите на ЕУ и таму државите носат вакви законски решенија.

Управните служби за лични документи во МВР ќе работат редовно, меѓутоа со оглед на актуелната ситуација ние даваме можност граѓаните да не мора да дојдат за да ја продолжат важноста на докумнетите.

Во моментот, приоритет на МВР е справување со состојбата предизвикана од коронваирусот. Најголем дел од капацитетите на МВР се ставени на располагање во таа насока. Засега капацитетите на МВР се доволни, ние во текот на изминативе денови ги засилуваме капацитетите со одделот за специјални полициски операции, така што граѓаните веќе го гледаат присуството на единицата за брзо распоредување на територијата на државата која од утре ќе врши патролни активности од 12 до 24 часот. Ќе има поголемо присуство на патролни возила и поголемо присуство за разбивање на сите групи кои не ја почитуваат одлуката на Влада за собирање повеќе од 5 лица.” – образложи Чулев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e