Чауш: Директорот на УБК ми нудеше 1 милион евра и функција да кажам дека снимките ми ги дал Заев

„Не се надевам, туку верувам дека оваа Влада експресно ќе даде амнестија за сите затвореници оти секоја претерана казна затворениците ги спобудалува и не ги социјализира…“, смета осудениот Захир Бекири – Чауш во краткото интервју за „Макфакс“, кој ја издржува затворската казна за изработка на лажни лични карти и пасоши.

На прашањето дали очекува новата Влада да донесе закон за политички затвореници, односно за политички монтираните случаи, Бекири вели: „Да, очекувам. Не само јас, туку сите затвореници. Не знам кој е политички затвореник, ама за мене и за брат ми сигурен сум дека се политички монтирани случаи“.

Тој вели дека не е важно дали е виновен или не бидејќи две третини од казната веќе ги издржал во затвор. „Виновен сум само што бевме фамилијарно ангажирани „ватрени“ активисти за СДСМ“, додава Бекири.

Случајот „Фабрика за афери“ беше најавуван како мегаскандал во кој полицијата нашла 70.000 незаконски прислушувани разговори, кои наводно тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев му ги дал на Бекири. Бекири за „Макфакс“ демантира: „Никогаш не сум имал никакви снимки! Некој мораше да биде жртва и, за несреќа, ме избраа мене затоа што бев добар активист на СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ ги снимала тие снимки така што ги имаат сите снимки, најверојатно, имаат многу повеќе од господинот Заев, ама јас сум колатерална штета во целиот случај што се вика баксуз“, вели тој.

По претресот на неговиот дом, обвинителот Јово Цветановски објави дека меѓу фалсификуваните документи има и илјадници прислушувани разговори. На ова Бекири вели дека обвинителот Јово Цветановски лаже бидејќи не нашле никакви документи кај него. „Тоа беше низ целиот судски процес, немаше такво нешто. Се обидоа да манипулираат со некакви си хард дискови и компјутер од децата. Потоа незаконски ме зедоа, ме киднапираа од КПУ „Идризово“, па ме пднесоа во неговата канцеларија. Шест часа ме малтретирааа и се закануваа со фамилијарна ликвидација и затворање, немав право ни на адвокат. Ми нудеа милион евра и функција за да сведочам дека Заев ми ги дал снимките. Со обвинителот Цветановски беше директорот на УБК и нудеа сè и сешто знаејки дека слаба точка ми е државјанството на РМ. Тука сум роден, а цел живот немам никакви права како граѓанин на државата. Едно сум сигурен дека полош  обвинител од Цветановски и насилник не постои. Јас сум верник. Верувам во бога. Секогаш сум се борел за соживот и љубов кон човештвото и меѓуетнички да се сакаме, пример е и мојот брак, па згора на тоа неколку инспектори неколкупати се обидувале да ја натераат мојата сопруга да даде изјава дека јас сум насилник и ја малтретирам, дури до таму отишле… Бидејќи немаше никакви докази против мене, се обидоа со сите методи, а јас за ништо на светот, за никој човек не би сведочел лажно… “

Бекири додава дека се гордее што живее во Македонија и што е меѓу најангажираните активисти на СДСМ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e