Богов се повлече, Анита Бежоска, нов предлог за гувернер

Претседателот Ѓорге Иванов ја предложи актуелната вицегувернерка Анита Ангеловска-Бежоска за нов кандидат за гувернер на Народната банка. Овој предлог доаѓа откака Димитар Богов, кој беше првиот избор на Иванов повторно да биде избран за прв човек на Народната банка, денеска се повлече од кандидатурата. Богов ваквата одлука ја донел по реакциите од власта дека е потребен консензуален кандидат. Мандатот на Богов му истекува за пет дена.

Од кабинетот на Иванов велат дека Бежоска во септември минатата година со поддршка и на власта и на опозицијата е избрана за вицегувернер по предлог на Богов.

Кабинет на претседателот Ѓорге Иванов:

„Претседателот Иванов смета дека Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка е решение за гувернерската позиција со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија.“

Богов во дописот до медиумите наведе кои биле причините поради кои се повлекува:

„Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во Република Македонија, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка.“

Се отвара прашањето дали ќе ја добие ли овојпат Иванов поддршката од владејачкото мнозинство и од опозицијата, односно Бежоска да застане на чело на Народната банка? Од СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ ни најавија дека следните денови ќе имаат внатрепартиски координации, по што ќе излазат со свој став во јавноста. Но, во ДУИ кои го фаворизираат Фатмир Бесими, остануваат на ставот да се најде прифатливо решение за сите страни. Сепак, од оваа партија немаат став за Анита Бежоска. Мандатот на Богов завршува в недела. Дознаваме дека веќе во понеделник во Собранието ќе биде ставена точка на дневен ред за избор на нов гувернер. За негов избор е потребно просто мнозинство, односно најмалку 61 глас.

Извор: Алсат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e