Бочварски: Преку модерни и безбедни патишта обезбедуваме регионално поврзување со земјите од ЕУ

Приоритет на Владата е преку модерни и безбедни патишта да обезбедиме регионално поврзување со земјите од ЕУ, да обезбедиме поголем регионален развој, побрза комуникација и подобар живот за сите наши граѓани, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски на завршувањето на патниот правец од Радовиш до планината Плачковица.

-Со асфалтирањето на последната делница од околу 5 километри, практично целосно ја завршивме обновата на овој патен правец за што инвестиравме околу 1 милион евра, подвлече министерот Бочварски.

Додаде дека Општина Радовиш е на мапата на инвестициските вложувања што ги реализира Владата и притоа потенцираше дека тука, во моментот, се работи на еден од најзначајните инфрастуруктурни проекти во независна Македонија, изградбата на експресниот пат од Штип до Радовиш.

-На почетокот на овој месец ја пуштивме во употреба првата делница од експресниот пат од Штип до Бучим во должина од 23 километри, а оттука сакам јавно да ветам дека делницата од Бучим до Радовиш ќе биде готова до наесен, рече Бочварски.

Најави дека преку ЈП за државни патишта, кон крајот на годината ќе почне проектирањето на нов експресен пат од Струмица до границата со Бугарија и со тоа се создава брза патна врска од Штип преку Радовиш и Струмица до граничниот премин.

Директорот на ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионални патишта, Беким Мемеди, информираше дека обновата на патниот правец Радовиш-планина Плачковица чини вкупно 100 милиони денари и се асфалтирани 19,2 километри.

-Претпријатието е присустно низ цела Република Северна Македонија и активно асфалтираме неколку патни правци со цел граѓаните да добијат поквалитетни патишта, подобри услуги и услови низ патните правци, рече директорот Мемеди.

За градоначалникот на Радовиш, Герасим Конзулов, асфалтирањето на овој патен правец е дополнителен стимул за развој на планинскиот туризам.

-Сите инстутиции преку Владата многу ни помогнаа за да можеме да инвестираме во развој на општината и со тоа да ја реализирам мојата програма од над 90 отсто, истакна Конзулов.

За време на денешната посета на Радовиш, министерот Бочварски и градоначалникот Конзулов потпишаа договор за рехабилитација на локалнит пат кој ги поврзува населените места Прналија и Супурге. Инвестицијата е во вредност од 20 милиони денари, а средствата се обезбедени преку Владата, односно Министерството за транспорт и врски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e